
Мицкоски најави поевтин дизел: ДДВ-то се намалува од 18 на 10 проценти
Владата денеска треба да донесе нова мерка со која ќе се влијае врз цената на дизел горивото. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека данокот на додадена вредност (ДДВ) за дизелот ќе биде намален од 18 на 10 проценти.
Владата денеска треба да донесе нова мерка со која ќе се влијае врз цената на дизел горивото. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека данокот на додадена вредност (ДДВ) за дизелот ќе биде намален од 18 на 10 проценти.
Мицкоски информираше дека одлуката треба да биде донесена на владина седница што ќе се одржи преку видеоврска.
„Во текот на денот денеска ќе имаме повторно владина седница преку видеоврска и ќе донесеме уште една мерка, а тоа е намалување на данокот на додадена вредност за дизел горивото од 18 на 10 проценти“, изјави Мицкоски.
Според премиерот, целта на мерката е да се спречи најавеното значително поскапување на дизелот и да се ублажи ценовниот притисок врз граѓаните.
Тој потсети дека Владата претходно презела мерки и преку намалување на акцизите за дизелот и безоловниот бензин.
Мицкоски посочи дека намалувањето на ДДВ ќе има одредени последици врз приходите во државниот буџет, но нагласи дека приоритет на Владата е заштитата на животниот стандард на граѓаните.
Според него, Македонија во моментов има пониски цени на горивата во споредба со соседните земји. Тој оцени дека цената од околу 95 до 96 денари за литар дизел не може да се смета за ниска, но дека сепак е пониска од цените во дел од соседството.
Осврнувајќи се на глобалната економска и енергетска состојба, Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи да презема мерки за ублажување на последиците врз граѓаните.
„Она коешто за нас е важно е да дадеме сè од себе за да го штитиме, колку што можеме, стандардот на граѓаните“, порача премиерот.