Мицкоски: Ги каниме компаниите кои мигрираат од Украина и Русија да инвестираат во Македонија!
„Се запоставува еден значаен момент во економијата, а тоа се директните странски инвестиции. Јас навистина жалам за тоа што се случува во Украина. Навистина жалам што човештвото и Европа се сведоци на такви настани кои што денеска се случуваат таму и најмногу жалам за невините човечки животи кои што неправедно згаснуваат, поради тоа што политичарите не се подготвени и не се способни на дипломатски начин да ги решаваат проблемите. Но, исто така жалам што во географска смисла на зборот сме многу мали за да можеме да влијаеме за нешто посериозно да влијаеме како би ги отргнале политичарите од тоа што го прават денеска и да ги намалиме страдањата на цивилите на граѓаните, и во Украина и во Русија“. Ова денеска меѓудругото го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.
Тој рече дека ние сме мирољублив народ и мора да се грижиме да го направиме нивниот живот поудобен, посигурен и постабилен.
„Ние како ВМРО-ДПМНЕ сите оние компании, ги каниме тие странски инвеститори кои што мигрираат од Украина и Русија, да дојдат овде во Македонија да инвестираат, да вработат македонски граѓани за добри примања, да отворат нови работни места и колку толку да ја ублажиме и онака тешката ситуација во која се наоѓа македонската економија поради овие настани кои што за жал ние геостратешки не можеме премногу да влијаеме“ вели Мицкоски.