Благоја Милевски – селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија вечерва на официјалната прес-конференција пред утрешниот финален бараж дуел против Португалија за пласман на Мундијалот во Катар вели дека домаќинот ја има фаворитската улога. Сепак македонскиот стратег порача дека „црвено-жолтите“ се дојдени во Порто да победат и да обезбедат билет за мундијалот во Катар.
Македонија утре го игра најважниот меч во својата историја, на „Драгао“ се среќава со Португалија и ќе се бори за настап на Светско првенство.
„Како и со Италија, знаеме кој ја носи фаворитската улога на овој меч, знаеме која е Португалија, со каков квалитет располага, нема потреба да ги набројувам сите тие имиња кои играат. Но ние не сме тука дојдени како туристи. Напротив, дојдовме да победиме!“ – рече селекторот.
„Никој не очекуваше дека ќе се најдеме во ова финале, но чекор по чекор го потврдивме квалитетот и заслужено се бориме за место на СП 2022. Сатоа повторно имам само една порака до фудбалерите – да уживаат, да излезат на терен и уште еднаш да го покажат својот потенцијал и своето срце“ – вели тој
Неизбежно беше и прашањето за првата ѕвезда на Португалија, Кристијано Роналдо.
„Кристијано е можеби најдобар во светот години наназад, но тој не игра сам, играат уште десетмина. Португалија не е само Роналдо, ќе треба да се концентрираме на тимот, а не на поединци.Фаворитот е јасен, тоа е Португалија, и според рејтинг и според традиција, но Македонија не случајно е тука“ – смета македонскиот селектор.