Мета свика итна седница на Советот за безбедност
Илир Мета – претседателот на Албанија попладнево одржа итна седница со Советот за национална безбедност, на која станало збор за последните случувања на границата меѓу Украина и Русија.
Посебен акцент бил ставен на евакуацијата на албанските државјани кои се во Украина, во случај на потреба, како и гаранција за државните резерви.
„Претседателот Мета посебно ја нагласи неопходноста од идентификување и одржување контакти со албанските државјани кои привремено престојуваат во Украина и овозможување нивна евакуација во случај на потреба, продолжување на безбедносните и одбранбените реформи, зајакнување на капацитетите против кибер напади, преземање мерки за зголемување на безбедноста на стратешката инфраструктура и гарантирање на државните резерви во секој случај, како и следење, со максимално внимание, на случувањата во нашиот регион“ – соопштија од претседателскиот кабинет.
Мета и членовите на Советот за национална безбедност потврдиле дека Албанија и како членка на НАТО и непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, е на страната на Украина, во одбрана на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет.