МВР: Не наседнувајте на пораки во име на МВР, се работи за измама од меѓународни рамки

МВР апелира до сите граѓани да внимаваат да не наседнат на лажни електронски пораки кои се испраќаат во име на МВР.Станува збор за обид за измама во меѓународни рамки.

Како што соопштуваат, деновиве им пристигнале пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на министерот за внатрешни работи, во соработка со полициската канцеларија на Европол, во која во вид на повик за појавување во суд од страна на Сектор за прекршоци, во која примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено. Како што наведуваат, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот преку вибер линк.

„Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани. Исто така, предупредуваме да не отварате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на е-маил пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“, велат од полицијата.

Додаваат дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот.