Маѓар го услови Киев: Без права за унгарското малцинство, нема преговори со ЕУ

Унгарскиот премиер Петер Маѓар порача дека Будимпешта очекува од Украина целосно да ги врати и гарантира основните права на унгарското малцинство пред да се направи каков било чекор напред во билатералните односи.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар порача дека Будимпешта очекува од Украина целосно да ги врати и гарантира основните права на унгарското малцинство пред да се направи каков било чекор напред во билатералните односи.

Ова, како што нагласи тој, е воедно и клучниот услов на Унгарија за почеток на пристапните преговори меѓу Европската Унија и Украина.

Во интервју за полскиот весник „Ржечпосполита“, Маѓар јасно стави до знаење дека Унгарија го признава правото на Украина да ја брани својата независност, но укажа на сериозен демократски дефицит во однос на малцинствата.

„Недозволиво е во Централна Европа во 2026 година, повеќе од 100.000 Унгарци во Закарпатје да живеат без основни човекови права. Зборуваме за елементарното право на јазик, култура и административна автономија“, изјави премиерот Маѓар.

Тој откри дека Будимпешта и Киев веќе ги започнале првите разговори на техничко ниво. Доколку тие вродат со плод, дијалогот ќе се подигне на повисоко политичко ниво, по што би уследила и директна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Закарпатје.

На директното прашање дали ова прашање е блокада за евроинтегративниот пат на Украина, Маѓар одговори потврдно, нарекувајќи го „услов без кој не се може“:

„Првото поглавје од преговорите со ЕУ се однесува токму на владеењето на правото и демократијата. Ако сакате да влезете во европскиот клуб, мора да ги почитувате тие права. Тоа не е ниту тешко, ниту комплицирано“, заклучи тој.