Максим Димитриевски ќе се кандидира за претседател

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски ќе биде претседателски кандидат на партијата ЗНАМ, кажа денеска партискиот портпарол Никола Мемов.

Мемов рече дека од утре почнува постапката за собирање потписи за кандидатурата на лидерот на ЗНАМ и дека очекуваат победа на изборите.

„Очекуваме победа. Нашата анализа покажува дека Димитриевски ќе влезе во вториот круг, за потоа да имаме и конечна победа. Ги повикуваме граѓаните да ја поддржат кандидатурата на Димитриевски во општинските канцеларии на ДИК“, изјави Мемов.

Претходно денеска, Гордана Силјановска-Давкова најави дека ќе биде претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а Али Ахмети кажа дека кандидат за претседател на ДУИ ќе биде Бујар Османи.

Покрај нив, претседателски кандидатури објавија Левица со Билјана Ванковска и ГРОМ со Стевче Јакимовски, како и Арбен Таравари со здружената албанска опозиција.

За претседателска кандидатура се потребни потписи од 30 пратеници или 10.000 потписи од граѓани.

Првиот круг од претседателските избори е закажан за 24 април, а на 8 мај ќе се одржат вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори.