
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повика на брз договор меѓу Вашингтон и Техеран, велејќи дека „ништо не ја оправдува актуелната ескалација во јужен Либан“.
Макрон напиша на Икс дека имал телефонски разговори со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, султанот на Оман, Хајтам бин Тарик, претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед и египетскиот претседател, Абдел Фатах ел-Сиси, за ситуацијата на Блискиот Исток.
Францускиот претседател изјави дека е потребно брзо да се постигне договор меѓу САД и Иран, оценувајќи дека приоритет треба да се даде на воспоставување прекин на огнот и „итно“ повторно отворање на Ормуската Теснина, безусловно и во согласност со меѓународното право.
Францускиот претседател повтори дека неговата земја е подготвена да придонесе во обновувањето на поморскиот сообраќај преку мултинационалната мисија воспоставена со Велика Британија, да ги поддржи разговорите за нуклеарната програма на Иран и да учествува во воспоставувањето на регионална безбедносна рамка.
Што се однесува до Либан, Макрон рече дека е „е неопходно под итно оружјето да замолчи“ и дека верува дека ништо не ја оправдува „големата ескалација што моментално се случува на југот од земјата“.
Макрон ја повтори поддршката на Франција за либанските власти во нивните напори за враќање на суверенитетот на државата и територијалниот интегритет на Либан.