
Македонците во 2021. најчесто онлајн купувале од Обединетото Кралство, Ирска и од Унгарија
Во податоци објавени од Народната Банка, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ го анализира бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции со домашни платежни картички кон странски е-продажни места во текот на 2021 година. Македонците лани реализирале вкупно 14,2 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 420,7 милиони евра.
„Од овој износ, 318,9 милиони евра се реализирани кон домашните е-продавници, што претставува значајни 75,8 проценти во вкупната вредност на онлајн трансакции. Со домашни платежни картички во странство, во 2021 година реализирани се вкупно 2,9 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 101,8 милиони евра, наспроти 1,7 милиони онкајн трансакции со вкупна вредност од 47,8 милиони евра во 2020 година што претставува раст од 66,3 отсто во бројот на трансакции и 113 посто во вредноста на трансакциите“ – наведуваат од АЕТМ.
Од вкупната вредност на трансакции, кои Македонците во текот на 2021 година го потрошиле онлајн за пазарење во странство, дури 75,7 посто од вредноста на трансакциите се реализирале во корист на ТОП 10 земји. Најмногу онлајн плаќања Македонците реализирале кон Обединето Кралство, Унгарија и Ирска.
„Што се однесува до бројот на онлајн трансакции со македонски платежни картички во странство, високи 82,7 проценти од трансакциите завршиле во корист на ТОП 10 земјите – Луксембург, САД, Ирска, Холандија, Обединетото Кралство, Унгарија, Германија, Кипар, Бугарија и Хрватска. Најголем број на трансакции со домашни платежни картички (вкупно 693.460) се реализирани во корист на e-продавници од Луксембург каде што е регистрирана европската филијала на Amazon преку која се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од Европските земји, без Обединето Кралство“ – се вели во соопштението.