
Либан соопшти дека Хезболах го прифатил американскиот предлог за прекин на нападите врз Израел
Либанските власти синоќа соопштија дека Хезболах го прифатил американскиот предлог за „заемно прекинување на нападите“ со Израел, откако Доналд Трамп изјави дека двете страни му ветиле деескалација во Либан пред израелско-либанските разговори во Вашингтон.
Либанските власти синоќа соопштија дека Хезболах го прифатил американскиот предлог за „заемно прекинување на нападите“ со Израел, откако Доналд Трамп изјави дека двете страни му ветиле деескалација во Либан пред израелско-либанските разговори во Вашингтон.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека му нагласил на Трамп дека Израел ќе напаѓа „терористички“ цели во Бејрут доколку Хезболах не ги прекине нападите врз израелските градови.
„Истовремено, израелските одбранбени сили ќе продолжат со операциите во јужен Либан во согласност со планот“, рече Нетанјаху.
„Либанските власти добија потврда дека Хезболах го прифатил американскиот предлог за заемно прекинување на нападите“, се наведува во соопштението од либанската Амбасада во САД, кое го издаде либанското претседателство непосредно пред вонредната седница на Советот за безбедност за Либан, свикана на барање на Франција.
Во соопштението објавено од претседателството на Икс се наведува дека според договорот, Израел прво ќе ги прекине нападите врз јужните предградија на Бејрут, додека за возврат проиранскиот Хезболах ќе ги прекине нападите врз Израел. Договорот доаѓа откако Израел вчера се закани дека ќе ги нападне предградијата на главниот град.
Непосредно пред тоа, американскиот претседател изјави дека телефонски разговарал со Нетанјаху и дека Израел нема да испрати војници во Бејрут.
„Имав продуктивен разговор со израелскиот премиер Биби Нетанјаху. Нема да има војници што се упатуваат кон Бејрут, а оние што веќе се на пат се вратија назад“, напиша Трамп на својата мрежа Truth Social.
Тој, исто така, на својата мрежа наведе дека имал „многу добра“ размена на пораки со Хезболах преку посредник, додавајќи дека проиранската група „целосно ќе го прекине огнот“.
„Израел нема да ги нападне, а тие нема да го нападнат Израел“, напиша американскиот претседател.
Претходно, во текот на вчерашниот ден, Нетанјаху ѝ нареди на армијата да нападне „терористички цели“ во јужните предградија на Бејрут, упориште на шиитското движење, наведувајќи ги како причина „повторените прекршувања на примирјето“ од страна на Хезболах и нападите врз „градови и граѓани“ на Израел.
Израелската армија потоа ги повика жителите да се евакуираат од густо населената област, а истовремено ја интензивираше копнената офанзива во Либан, каде што ја спроведува својата најдлабока воена инвазија во последните 26 години.
Техеран претходно повтори дека секој договор за прекин на војната на Блискиот Исток е условен од прекин на огнот во Либан, што беше вовлечен во регионалниот конфликт на 2 март.
Новиот конфликт во Либан започна откако Хезболах го нападна Израел како одмазда за израелско-американските напади врз Иран.