Коњановски: Добрососедските односи се градат со почитување, а не со оживување на мрачното минато на Михајлов

По посетата на Битола на бугарскиот премиер Кирил Петков и бугарска делегација која присуствуваше на отворање на културен центар „Иван Михајлов“, се огласи градоначалникот на Битола – Тони Коњановски. Тој рече дека ова е индиректна провокација и оживување на едно мрачно минато. Побара и отворање на македонски културен клуб во Бугарија.

„Битола е космополитски, конзулски град, во кој посебно се почитуваат културите, традициите и вредностите на сите народи и треба да биде вистински пример за негување на македонскиот идентитет и култура во сите други земји, каде што живеат Македонци. Добрососедските односи се градат само со меѓусебно почитување и признавање, но никако со индиректни провокации и оживување на едно мрачно минато на кое потсетува името на Бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“. Кога веќе централната власт и националното законодавство, дозволија во Општина Битола, да се регистрира и функционира ваков културен клуб, тогаш време е нашите источни соседи да овозможат вистински реципроцитет и да покажат почитување на правата на Македонците во Бугарија, можности за нивно културно изразување и негување на македонската култура и историја. Тогаш, кога ќе добиеме покана за присуство на отворање на Македонски културен клуб во Бугарија, дури тогаш ќе знаеме дека сме на вистинскиот пат кој значи взаемно почитување и искрено пријателство. После посетата на денешниот настан во Битола, очекувам, премиерот Кирил Петков, да биде првиот иницијатор кој во Бугарија ќе го покрене прашањето за промоција на македонската култура, еднаквост и поголеми права на македонците кои живеат таму“ – напиша Коњановски на Фејсбук.