Кос: Охрабрени сме во Брисел од реформскиот скок на Македонија

Еврокомесарката за проширување Марта Кос на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата денеска истакна дека државата е една од земјите со најдобри постигнувања во делот на реформската агенда со исполнување на 10-те реформски барања, со исклучок на Изборниот законик. Сепак, рече таа, усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за почнување преговори и ја охрабри Владата да го започне процесот.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата денеска истакна дека државата е една од земјите со најдобри постигнувања во делот на реформската агенда со исполнување на 10-те реформски барања, со исклучок на Изборниот законик. Сепак, рече таа, усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за почнување преговори и ја охрабри Владата да го почне процесот.

– Охрабрени сме и навистина среќни во Брисел што Северна Македонија навистина направи еден ваков скок на првите позиции кога станува збор за реформите во планот за раст – истакна Кос.

Ова покажува, додаде таа, дека таму каде што има политичка волја, Владата може да испорача. За земјата се наменети 750 милиони и Владата, рече еврокомесарката, ќе го добие тоа кога реформите ќе бидат испорачани и тие пари може да се искористат за граѓаните.

– Иако во моментот Северна Македонија не може да оди напред во пристапните преговори, не значи дека вие или ние не испорачуваме. Вие испорачувате многу во реформската агенда – рече Кос. Тоа ќе биде начелото што ќе се користи и во новиот буџет на ЕУ.

Ова, нагласи таа, е навистина охрабрувачки момент во односите меѓу Северна Македонија и ЕУ затоа што земјата испорачува, а Унијата го забележува тоа.

– Планот за раст е нов начин на кој ЕУ се ангажира со земјите кандидати. Имаме финансиски инструменти. Ова не е некакво милосрдие. Ние можеме да им даваме заеми и грантови на владите на земјите кандидатки само ако тие испорачаат. Овој Изборен законик е над 4 милиони. За мене, ова се навистина многу пари. Не е тоа само да се штиклираат реформите, туку за да се направи нешто добро за земјата – рече еврокомесарката.

Во сржта на пристапниот процес се реформите што носат конкретни придобивки за граѓаните, подобрени услуги за јавноста, подобрени можности за младите, кои ќе придонесат кон попросперитетна економија. – Во таа насока гледаме охрабрувачки напредок уште од почетокот на годината во реформската агенда и токму поради тоа сакаме да ја поздравиме зголемената посветеност на Владата. Северна Македонија сега се наоѓа меѓу најдобрите изведувачи затоа што, всушност, е усогласена со европските стандарди и се кавлификува во групата на земји на кои ќе им дадеме дополнителни средства за планот за раст – рече Кос.

Реформите, посочи таа, не се работа само на Владата, на Собранието, туку тоа е национален проект и сите засегнати страни треба да бидат сериозно вклучени. – Особено Собранието, тоа е местото каде што се усвојуваат реформите, па затоа, со оглед на тоа дека спроведовте 90 проценти од десетте реформи што требаше да се исполнат до 15 јули, се надевам дека и тие последни 10 проценти, Изборниот законик, ќе бидат усвоени. Тука ги повикувам сите страни за заеднички меѓупартиски консензус за да може да имаме стопроцентен успех и се надевам дека тоа ќе се случи. А кога тоа ќе се случи, тоа ќе биде во полза на државата затоа што пристапните преговори ќе се придвижат нанапред – рече Кос.

Реформската агенда, она што се прави во рамките на планот за раст, и пристапниот процес во одреден дел ќе се спојат и земјата, според неа, може многу побргу да се приклучи кон оние напредни земји. Потсети на СЕПА, која на граѓаните на земјава им дава еднаков третман при префрлувањето пари, набргу, рече, ќе почнат и преговорите за укинувањето на роамингот, се градат клучни транспортни рути од Албанија до Бугарија и од Србија до Грција, има и сè поголемо учество на ученици во „Еразмус+“.

– Од 2021 година ЕУ поддржа речиси 40.000 размени, кои вклучуваат луѓе од Северна Македонија, за образование, обука, млади и спорт. Се поврзува Северна Македонија со вештачката интелегенција на ЕУ преку „Везилка“ и преку антената за вештачка интелегенција – рече Кос. Потсети дека минатата година земјата се приклучи на програмата за здравство на ЕУ, а ќе се приклучи и на програмите за кибербезбедност, како и дека Скопје во 2028 ќе биде европски град на културата.

Еврокомесарката Кос укажа и на примерот на Црна Гора, која, рече, ја предводи групата земји кандидати од Западен Балкан, а која по пристапувањето во Унијата, ќе добие трипати повеќе средства. – Има изгледи дека во 2028 година ќе има уште една земја – членка, а тоа е од територијата на Западен Балкан, а секако Северна Македонија треба да биде од тие коишто ќе се движат напред – рече Кос.

Одговарајќи на новинарско прашање, Кос рече дека проширувањето на ЕУ не е со гаранции коишто се даваат однапред туку се гради врз доверба, обврски, посветеност, нивно исполнување и работа.

За тоа како да се изгради доверба помеѓу Скопје и Софија, еврокомесарката рече дека за тоа нема рецепти и дека таа не може да даде совети за тоа како да изградиме доверба со нашите соседи. – Но, она што го знам е дека колку повеќе доверба имате толку полесно ќе напрдувате низ пристапниот процес. Пристапниот процес не е само оној технички дел каде што треба да ги направите реформите, туку е поврзан и со политичката динамика во земјите членки – рече Кос.

Еврокомесарката Кос најави дека претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен наесен ќе ја посети земјава.

По средбата со Мицкоски, Кос ќе разговара и со претседателот на Собранието Африм Гаши, а ќе има средба и со вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали.

Комесарката Кос заедно со Сали и со министерката за образование и наука Весна Јаневска, попладнево ќе го посети студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, реновиран со средства од ЕУ. Таа исто така ќе се сретне со младински организации од земјата за да разговараат за можностите што ги нуди поблиската интеграција со ЕУ на младите луѓе, вклучително и преку програми, како што се „Хоризонт Европа“ и „Еразмус+“.

Подоцна во текот на денот, комесарката Кос ќе се сретне со претставници на организациите на граѓанското општество и медиумите за да разговара за спроведувањето на клучните реформи поврзани со ЕУ, особено во областа на владеењето на правото.