
Костреш: Текстот за Филипче не го одразува ставот на Србите во Македонија
Костреш тврди дека текстот насочен против Филипче не го претставува ставот на Србите во Македонија, туку, според него, е политички нарачана реакција чија цел е да се заштити позицијата на вицепремиерот Иван Стоилковиќ.
Претседателот на опозициската Лига на социјалдемократи на Војводина, Бојан Костреш, реагираше на нападите врз лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кои беа објавени во име на Регионалниот одбор Куманово на Српската заедница во Македонија, оценувајќи дека српската заедница не смее да се користи како инструмент во политички пресметки.
Костреш тврди дека текстот насочен против Филипче не го претставува ставот на Србите во Македонија, туку, според него, е политички нарачана реакција чија цел е да се заштити позицијата на вицепремиерот Иван Стоилковиќ.
„Станува збор за политички нарачан документ чија цел е да ја заштити позицијата на Иван Стоилковиќ, а кој истовремено е исполнет со ужасни навреди кон СДСМ и Венко Филипче“, изјави Костреш.
Тој посочи и на медиумот преку кој била објавена реакцијата, како и на нејзиното спонзорирање, тврдејќи дека зад неа стојат политички интереси поврзани со власта во Србија и со кругови блиски до Виктор Орбан. Според него, Стоилковиќ со години се претставува како политички претставник на Србите во Македонија, но во пракса функционира како „продолжена рака на службите и политичкиот центар во Белград“.
Костреш оцени дека користењето на името на српската заедница за навреди и политички дисквалификации не ја штити заедницата, туку ѝ нанесува штета на нејзината положба и углед.
„Српската заедница во Македонија не смее да биде политичко оружје. Нејзиното име не смее да се користи за одбрана на луѓе кои своето влијание го црпат од врски со служби и авторитарни структури, а не од довербата на народот што наводно го претставуваат“, порача Костреш.
Тој ги повика и претставниците на македонското национално малцинство во Војводина и во Србија јавно да го осудат, како што рече, злоупотребувањето на српската заедница во Македонија.
„Србите во Македонија имаат право на достоинство, а не на улога на политичка алатка“, рече Костреш.
Реакцијата на Регионалниот одбор Куманово ја осуди и Филипче посочувајќи дека промовирањето на навредливиот теклст од страбна на Стоилковиќ зборува за профилот на актуелната влада во која тој е министер. Во реакцијата на српскиот Регионален одбор Куманово стои дека Филипче се обидува да влијае врз политичките избори и претставниците на Србите во земјава и дека применува поделби според принципот: „Ги сакаме Србите, но не го сакаме Стоилковиќ“.
„Нема ти да одредуваш кому ќе му дадеме поддршка да нè предводи, со кого ќе комуницира и кого ќе примаме како гостин“, се наведува во соопштението. Според нив, таквата порака претставува обид политички да се поделат Србите во Македонија на „подобни“ и „неподобни“, во зависност од тоа кого поддржуваат.
Во соопштението се тврди и дека Филипче и СДСМ се обидуваат да се мешаат во политичките односи во Србија, преку поддршка на тамошната опозиција, додека Стоилковиќ е претставен како политичар кој не ги предал интересите на српската заедница.Од заедницата го обвинуваат Филипче и дека со своите настапи ги поттикнува антисрпските расположенија и испраќа опасни пораки кон Србите во Македонија. Во еден од најострите делови се наведува дека евентуален иден инцидент против припадници на српската заедница би бил последица и на ваквата политичка реторика.
Во соопштението, Српската заедница користи исклучително остар и навредлив речник кон лидерот на СДСМ, нарекувајќи го, меѓу другото, „комуњарска коњина“, „политички штроко и духовна наказа“, „политички инфлуенсер без прегледи“, „евтин хохштаплер“, „лош ПР-производ на туѓи агенди“, „професионален климоглавец“, „дворски лакеј“, „политички камелеон“, „платен застапник на туѓи интереси“, „кловн на празни флоскули“ и „полтронска марионета“.
Понатаму, во соопштението се наведува и: „Толку си автентичен што и фотокопија би рекла: ‘Не сакам да бидам како овој’.“