Колапс на универзитетите: УКИМ го нема ни на листата Глобал 2000

Најдобро пласиран од регионов е Универзитетот во Белград - на 393. место. Од Србија има четири универзитети, од Хрватска три, од Словенија два.

Се менуваат министри, се менуваат ректори, а квалитетот на високото образование на најголемиот универзитет во земјава – УКИМ, паѓа сѐ подолу и подолу. Веќе не се ни знае колку е долу.

На штотуку публикуваната листа Глобал 2000 објавена од Центарот за рангирање на светски универзитети нема ниту еден македонски универзитет. Оваа листа е составена врз основа на анализа на повеќе од 80 милиони податоци.

Најдобро пласиран од земјите на поранешна Југославија е Универзитетот во Белград – на 393 место. Универзитетот во Љубљана е на 444, а Свеучилиштето во Загреб на 522. место.

На листата Глобал 2000 има уште три универзитети од Србија – Универзитетот во Нови Сад е рангиран на 1.136-то место, Универзитетот во Крагуевац на 1.549-то место, а Универзитетот во Ниш на 1.886-то место меѓу најуспешните во светот.

Од Хрватска, покрај загрпскиот на листата се уште и Универзитетот во Сплит (953) и Универзитетот во Риека (1.658).

Од Словенија на листата е и Универзитетот во Марибор – на 1.293. место.

Топ 10 рангирани универзитети во светот оваа година се: Харвард, МИТ, Стенфорд, Кембриџ, Оксфорд, Принстон, Универзитетот во Пенсилванија, Колумбија, Јеил и Универзитетот во Чикаго.

Центарот ги оценува универзитетите врз основа на четири критериуми, без да се потпира на анкети или податоци обезбедени од самите универзитети: квалитет на образование (25 проценти), вработливост на дипломираните студенти (25 проценти), квалитет на наставниот кадар (10 проценти) и истражувачка работа (40 проценти).

За рангирањето оваа година, анализирани се 81 милион податоци врз основа на конкретни резултати.

Соединетите Американски Држави имаат осум претставници меѓу првите 10 универзитети во светот и со 313 институции, се рангираат на второ место по број на универзитети во првите 2.000, зад Кина.

Харвард, Стенфорд и МИТ се меѓу најцитираните универзитети во светот, додека сите универзитети од Ајви лигата се претставени во првите 75.

Кина сега има 360 универзитети во првите 2.000, а сите членки на Ц9 Лигата бележат напредок од година во година.

Јапонија има 102 универзитети на листата, предводени од Универзитетот во Токио на 13-то место.

Обединетото Кралство има 89 институции во првите 2.000. Кембриџ е најдобро рангиран јавен универзитет во светот тринаесетта година по ред.

Франција има 71 претставник, а најдобро рангираната институција е Универзитетот ПСЛ на 20-то место.

Русија, предводена од Московскиот државен универзитет на 264-то место, има 42 универзитети во првите 2.000.

Клучните елементи врз основа на кои е направено рангирањето се квалитетот на образованието, вработеноста на поранешните студенти, квалитетот на факултетот и истражувачките перформанси.