
Ковачевски: СБ до крајот на годината сигурно ќе излезе со уште неколку проекции за растот
На Бруто домашниот производ (БДП) влијаат многу параметри кои во услови на криза се менуваат со многу побрза динамика. Од таа причина и Светска банка (СБ) сигурно до крајот на годината ќе излезе со уште неколку проценки, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во коментар на корекцијата на македонскиот БДП на 2,4 отсто за годинава во најновиот Извештај на СБ.
Прашан дали Владата останува на проекциите за раст од 2,9 проценти, на што се темели и Буџетот, Ковачевски посочи дека со тие претпоставки стартуваме годинава но оти активностите и политиките ќе се прилагодуваат зависно од случувањата со војната во Украина и во комуникација со меѓународните финансиски институции.
– Ние нашите претпоставки за Буџетот, но и за другите политики ги базираме на раст на БДП во висина до 2,9 проценти и така и започна годината, но во комуникација сме и со Светска банка и со ММФ и со другите финансиски институции и секако дека зависно од развојот на настаните во Европа, со војната во Украина, дека и ние ќе ги адаптираме нашите политики и активности кои ги спроведуваме, рече Ковачевски по настанот на кој заедно со директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски информираа за првата нова инвестиција во 2023 и за резултатите во зоните.
Тој додаде дека во време на криза и најголемите светски финансиски институции и истражувачки институти секогаш излегуваат со поголем број на проценки на растот на БДП и на другите економски параметри отколку што го прават тоа во време кога нема криза.
Светска банка во најновиот Извештај за глобалните економски перспективи прогнозира раст на македонската економија од 2,4 проценти годинава, што е за 0,7 процентни поени помалку во однос на објавената проекција во јуни лани.
СБ има надолна ревизија и на проекцијата за македонскиот БДП за 2024 година за кога прогнозира дека ќе изнесува 2,7 проценти, односно надолната корекција е 0,5 процентни поени.