
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска во Блед, Словенија каде учествува на Бледскиот стратешки форум, се сретна со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
На средбата на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, се разговараше за актуелните случувања во врска со процесот на евроинтеграции на Северна Македонија. Двајцата премиери оценија дека европската интеграција е најдобар механизам за напредок на нашата земја, што меѓу другото ќе овозможи стабилна економија, повисок животен стандард за граѓаните и ќе донесе повеќе инвестиции.
Соговорниците разменија мислења околу процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, со што освен економски придобивки, ќе се обезбеди стабилност и безбедност на Балканот.
Република Северна Македонија, од Република Хрватска континуирано добива институционална поддршка во споделување на искуства во процесот на подготовка на пристапните преговори со ЕУ. Ковачевски и Пленковиќ, на средбата потврдија дека таквата поддршка ќе продолжи и во иднина.
Двете Влади ќе продолжат да се залагаат за продлабочување на билатералните односи како и зајакнување на економската соработка.