
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари денеска по средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата истакна дека на средбата воопшто не разговарале за кадровски решенија.
„Се надевам ќе се слушнеме деновиве и ќе се договориме за нова средба. Можам да кажам дека 90 отсто од програмските определби се синхронизирани. За кадровските решенија воопшто не зборувавме, се надевам дека деновите што се пред нас, ќе ги отвориме и кадровските решенија. Се задржавме во програмските определби на нашата партија и владата“, рече Таравари.
Инаку, пред да влезе во Владата, Таравари откри само еден од петте програмски приоритети – оној за пакетот мерки за борба против корупцијата и криминалот.
Тој негираше дека денеска ќе се разговара за министерски позиции.
Премиерот Ковачевски за денешната средба со Таравари само рече дека ќе разговараат по однос на политичките, програмските определби за идна можна соработка, евроинтеграциите, енергетската криза, како и носење реформски закони.
Инаку, по денешната средба ќе заседава Извршниот комитет на владејачката СДСМ.