
Премиерот Димитар Ковачевски не сакаше да ја коментира изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, според кого во моментов владее состојба на вето кон С Македонија, со образложение дека Бугарија се наоѓа во предизборен период и секој политичар сака да собере глас повеќе.
Според бугарскиот претседател, како што изјави тој за новинарите во Брисел пред почетокот на состанокотна Европскиот совет, во моментов владее состојба на вето во однос на продолжувањето на евроинтеграциските процеси на С Македонија бидејќи македонските Бугари сè уште не се впишани во Уставот на земјава, а со тоа и преговорите не се започнати.
„Бугарија не би ја коментирал бидејќи тие се наоѓаат во избори и таму секој дава изјави само за да собере некој глас повеќе. Кога ќе завршат изборите кај нив, а кои ќе бидат во првата недела на април, ќе можеме да воспоставиме комуникација со новата влада што ќе ја изберат и да продолжиме со институционалната комуникација во делот на проектите што ги имаме на билатерално ниво бидејќи ние не преговараме со Бугарија за влез во ЕУ ние преговараме со Европската Унија во Брисел за влез во ЕУ“, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања.
Во врска со прашањето за ново вето од Бугарија, за кое зборува Радев, премиерот е категоричен:
„Вето нема да има бидејќи ние веќе ги отпочнавме преговорите“
Премиерот претходно информираше дека утрово имал состаноци со сите амбасадори на земјите-членки на Европската Унија на кои во детали разговарале за она што земјава го направила во 2022 година и она што ја очекува во оваа.
Потстетувајќи на скрининг-процесот кој веќе е во поодмината фаза, Ковачевски посочи дека кога станува збор за правата на малцинствата и етничките групи Северна Македонија е далеку понапред и од некои земји-членки на Европската Унија.
Иако во општа форма одговорот на Ковачевски недвосмилесно алидура на обвинувањата од Софија дека во земјава се спроведува системска дискриминација и насилство врз граѓаните кои се чувствуваат и деклрарираат како Бугари.
„Врз основа на скринингот ќе постојат патокази кои ќе бидат основа за унапредувањето на нашето општество во иднина со цел остварување на стандардите за полноправно членство во Европската Унија. Еден од тие патокази е и за правата на малцинствата, на етничките заедници кој што го има секоја држава и кој што очекувам дека ние ќе го исполниме на највисоко ниво бидејќи ако се споредиме со било која држава во Европа правата на помалите заедници кај нас се издигнати на највисоко можно ниво. Ние имаме изградено институции за остварувањер на правата на помалите заедници, ние имаме закони за остварување на правата на помалите заедници во делот на нивното рамноправно учество во јавната управа, употребата на јазиците и тоа се однесува на сите. Ние имаме и министерство кое се занимава со тие прашања“, истакна Ковачевски.