
Бугарските власти можат да издадат државјанство или да подарат стан на кого било, а ние не можеме да се мешаме во нивните одлуки и активности кои ги преземаат, исто како што никој не може да се меша кај нас доколку ние решиме да го направиме тоа со некој граѓанин.
Ваквиот став на премиерот следува по најавите на бугарското Министерство за надворешни работи дека наскоро на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, ќе му биде издадено бугарско државјанство. Според информациите од бугарското МНР ,на Пендиков ќе му биде обезбеден и стан во кој ќе може да пресотјува додека е во земјата, а можно е да добие и свое лично обезбедување
Според премиерот, не е наше да се мешаме во одлуките кои ги носи Бугарија во рамки на својата држава, исто како што никој не може да се меша во одлуките кои ги носи Северна Македонија
Освен бугарско државјанство, бугарското МНР најави дека на Пендиков ќе му обезбеди и стан во кој ќе биде привремено сместен додека е во Бугарија, а можно е да добие и свое лично обезбедување зашто, како што изјави шефот на бугарската дипломатија, Пендиков стравувал за својот живот доколку се врати во Северна Македонија.
„Што се однесува до активностите кои ги има Бугарија во рамки на својата држава и во рамки на надлежностите на нивните институции ние тука не можеме да се мешаме дали тие некому ќе дадат државјанство или ќе подарат стан, исто како што никој не може да се меша кај нас доколку ние решиме да го направиме тоа со некој граѓанин“,
изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција коментирајќи ги најавите на МНР на Бугарија.
Коментирајќи ги ставовите на бугарските власти кои велат дека нема да толерираат насилство врз Бугарите во Северна Македонија и дека нивните права мора да бидат гарантирани, Ковачевски вели дека правата на кој било граѓанин во земјава којшто се самоопределува различно од мнозинството се издигнати на највисоко можно ниво споредено со други европски земји.
„Да не заборавиме дека кај нас правата не се само лист хартија туку се спроведуваат низ голем број инстуции коишто ние ги имаме изградено низ годините. Имаме Министерство за политчки систем, имаме агенции за унапредеување на правата на помалите заедници, агенции за употреба на јазици, што, ако споредите во друга држава не можете да најдете. Добро е што тоа сме го направиле зашто ние сме мултиетничка и мултикултурна којашто својата сила ја црпи од различностите коишто ги иамаме кај нас и така и ќе продолжиме“, нагласи Ковачевски.
Премиерот се осврна и на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, за кое кажа дека поминало во најдобар ред поради навреме преземените мерки од надлежните институции.
Коментирајќи ги ставовите на бугарскиот европратеник и поранешен амбасадор во земјава Александар Јорданов, кој во објава на Фејсбук упати низа навреди и пцости за Македонците по чествувањето на роденденот на Делчев, премиерот изјави дека Владата и Министерството за надворешни работи го осудиле таквото однесување, кое, како што кажа, не доликува никому, особено не на европратеник. Согласно таквите осуди, како што кажа, испратено е писмо до Европскиот парламент, а реакција е испратена и до бугарските власти.
„Сметам дека во иднина треба да се остава што помалку простор за такви каков што е посочениот господин, но и за други коишто ги интересираат само провокации и нарушување на добрососедските односи на нашата држава со другите земји од регионот бидејќи тоа се личности и политички партии кои не сакаат да го видат овој регион во ЕУ“,заклучи Ковачевски.