
Иран го реорганизира разузнавачкиот систем по сериозните безбедносни пропусти
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, наредил реорганизација на разузнавачкиот систем на земјата, изјави денеска претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Бакер Калибаф.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, наредил реорганизација на разузнавачкиот систем на земјата, изјави денеска претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Бакер Калибаф.
Одлуката следува по инцидентите во изминатите неколку години, кои открија сериозни пропусти во безбедносниот и разузнавачкиот апарат на Иран.
– Владата не треба да го одложува именувањето постојан министер за разузнавање откако законот за реорганизација на институцијата ќе ја помине проверката на Советот на чуварите, телото надлежно за надзор на уставноста, изјави Калибаф во видеообраќање објавено на Телеграм.
Доскорашниот министер за разузнавање Есмаил Хатиб загина во израелски напад на 18 март годинава, а негов наследник сè уште не е именуван.
Хатиб работеше во кабинетот на поранешниот врховен лидер на Иран, Али Хамнеи, а од август 2021 година беше на чело на цивилниот разузнавачки апарат.
Калибаф изјави дека иранскиот парламент првично побарал од владата да поднесе предлог-закон за реструктурирање на Министерството за разузнавање, но поради одложувањата самиот го презел решавањето на прашањето.
Пратениците денеска ја усвоиле општата рамка на предлог-законот и почнале да ги разгледуваат одредбите со кои се предвидува проширување на кругот на кандидати што ги исполнуваат условите за функцијата министер за разузнавање.
Според предложените измени, за функцијата би можеле да конкурираат и кандидати кои не се верски лица, доколку имаат магистерска диплома, стручност и искуство во разузнавачките работи, како и најмалку 10 години искуство на средни или високи раководни позиции.
Досега условите вклучувале и кандидати квалификувани за „иџтихад“ – самостојно толкување и изведување исламско-правни решенија, пренесоа иранските медиуми.
Израел досега повеќепати успеа да продре во иранските тајни служби, што беше потврдено и со повеќе операции како атентатот во 2020 година врз Мохсен Фахризаде, еден клучните научници кои работеа на нуклеарната програма на Иран, како и убиството на лидерот на палестинското милитантно движење Хамас, Исмаил Ханија, во Техеран во 2024 година.
Слабостите на иранскиот безбедносен систем дополнително дојдоа до израз за време на 12-дневната војна во јуни 2025 година, кога израелски оперативци во Иран помогнале во лоцирањето цели, меѓу кои системи за противвоздушна одбрана, ракетни лансери и високи воени команданти.