Инфраструктурата во Украина досега со штета од над 63 милијарди долари

Украинската инфраструктура во досегашната руска инвазија доживеа големи штети кои досега се проценуваат на над 63 милијарди долари, јави „Анадолија“.

Русија на 24. февруари го почна нападот врз Украина, а експертите од Киевската економска школа ја соопштија анализата во која се наведува дека украинската инфраструктура само во изминатите седум дена претрпела штети од 3,5 милијарди долари.

Експертите во анализата наведуваат дека во досегашните руски напади се оштетени над 8.000 патишта, 260 мостови, 4,431 станбен објект, 92 фабрики или претпријатија, 378 образовни институции, 138 здравствени установи, две пристаништа, осум цивилни и 10 воени аеродроми, како и осум елекрани, меѓу кои и една нуклеарна.