Зијадин Села е реизбран како лидер на Алијанса за Албанците

На денешниот втор конгрес на Алијанса за Албанците во Тетово, актуелниот претседател Зијадин Села беше повторно избран за лидер на партијата. Тој немаше противкандидат и речиси сите, околу 600 делегати, гласаа за реизборот на Села како претседател.

Тој рече дека политичкото дејствување ќе биде насочено согласно партиската платформа каде има неколку клучни поенти за кои ќе се залагаат.

„Во платформата уште стои потребата за еднаквост во оваа држава. Значи државата треба да биде еднаква за сите, а не општеството да биде едно за сите. Стојат потребите за уставни измени, стои дека албанскиот јазик треба да се решава со Устав. Нема примерок во светот каде една третина од едно вкупниот број на населението да се третира како малцинство и плус оние дефиниции за албанскиот јазик кои се омаложувачки дефиниции кои даваат привременост на албанскиот јазик. Албанскиот јазик не е некој јазик со проценти над или под 20 проценти“ – изјави Зијадин Села по конгресот.

Тој посочи дека ќе се залагаат како партија за поинаков вид на децентрализација на локалната власт од државната.

„Ние се залагаме за вистинска децентрализација, тоа подразбира можности и власт која е поблиска до граѓаните. Не можеме ништо да направиме со ваква локална власт која е најцентрализирана во регионот и во пошироки примери и размери. Предвидуваме ДДВ-то кое ќе се враќа да биде повисоко и градоначалниците кои се избираат да имаат не само ветување туку и можности да ги исполнат тие ветувања“ – истакна Села.