Земјотрес со јачина од 3,9 степени според Рихтеровата скала во Албанија, почувствуван во Преспа и Охрид

Земјотрес со јачина од 3,9 степени според Рихтеровата скала денеска во 11:57 часот е регистриран во близина на албанскиот град Елбасан. Потресот во земјава бил почувствуван со послаб интензитет во Преспа, Охрид и околината.

„Епицентарот на земјотресот бил на 130 километри југозападно од Скопје во епицентралното подрачје на Елбасан со интензитет од три до четири степени според Европската макросеизмичка скала“ – соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ), потресот бил на длабочина од два километри, со епицентар на 23 километри источно од Елбасан и 10 километри југоисточно од градот Либражд.