ЗЕЛС формира кризен противпожарен штаб и планира основање локални енергетски претпријатија

На редовната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС денеска се разговарало за актуелните предизвици со кои се соочуваат општините, при што биле донесени повеќе одлуки во интерес на граѓаните и локалната самоуправа, соопшти попладнево претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук. Како клучни точки на состанокот се издвојуваат заштитата на имотот во летниот период и чекорите кон енергетска независност на локално ниво.

Градоначалниците преку заеднички систем ќе ја зајакнат подготвеноста за справување со вонредни состојби на терен.

„Една од клучните одлуки е формирањето на кризен противпожарен штаб при ЗЕЛС, со цел подобра, побрза и поефикасна координација меѓу единиците на локалната самоуправа при евентуални пожари во текот на летниот период, во соработка со централните органи. Безбедноста на граѓаните, заштитата на имотот и навремената реакција мора да бидат наш заеднички приоритет“, напиша Ѓорѓиевски.

Токму затоа, додаде тој, преку ЗЕЛС ја зајакнуваат меѓуопштинската соработка и градат систем што ќе може да одговори координирано, одговорно и ефикасно во моменти кога тоа е најпотребно. На состанокот се отворила и дебата за економско зајакнување на општините преку инвестиции во обновливи извори на енергија.

„На седницата присуствуваше и новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, со кого разговаравме за возможностите за основање локални енергетски претпријатија. Ова е важен чекор кон енергетска независност на општините. Преку користење на електричната енергија произведена од соларни панели и нејзино пласирање на пазарот, општините ќе можат да обезбедат дополнителни приходи, што потоа ќе се насочат кон проекти, услуги и подобри услови за живот на граѓаните“, информираше тој.

Ѓорѓиевски нагласи дека ЗЕЛС останува силен партнер на општините и простор каде се носат решенија што значат поголема стабилност, подобра координација и посигурна иднина за сите.

„Целта е да имаме посилни општини, поефикасни институции и подобар живот за граѓаните. Продолжуваме во силно темпо, за доброто на сите граѓани на Република Македонија“, нагласи Ѓорѓиевски во објавата.