Зеленски го честиташе Денот на единството на Украина: Заедно ќе победиме!

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им го честиташе Денот на единството на своите сонародници, порачувајќи им дека е уверен во победата и ослободувањето на цела Украина.

Рускиот напад на 24 февруари поттикна „оживување на нашето украинско единство“, рече претседателот во видеопорака.

Денес, милиони Украинци стојат заедно во одбрана на својата татковина, рече Зеленски, споменувајќи ги историските места во различни региони на Украина.

„Секој регион го штити другиот“, рече тој. „И сите заедно го браниме Киев. И сите заедно го браниме Харков. И сите заедно го ослободуваме Херсон“. „И ние ќе победиме. Заедно. И цела Украина ќе ги слуша звуците на победата“, рече украинскиот претседател.

Тој повтори дека цела Украина ќе биде ослободена, вклучувајќи го и Крим, кој Москва нелегално го анектира во 2014 година.

На 22 јануари Украина го слави Денот на единството по повод прогласувањето на обединување меѓу Украинската Народна Република и Западноукраинската Народна Република во 1919 година.