
Искажуваме загриженост дека ВМРО-ДПМНЕ повторно со манипулации се обидува да придобие наклоност од неинформираните пензионери, во функција на нивната политичка агенда која не нуди никакви реални и поволни придобивки за пензионерите, се вели во реакцијата на Партијата на пензионери по протестите на групи пензионери кои бараат враќање на начинот на усогласување на пензиите како во време на владеење на денешната опозициска партија.
„Според нашите анализи, компарирани со решенија што се применуваат во пензиски системи слични на нашиот, сегашниот модел на усогласување на пензиите кој ги следи трошоците на живот и пораст на платите е најреален и најповолен за сите корисници за пензија, со забелешка дека треба да се изнајде поповолно решение за корисниците на минимални пензии.
Во функција на таа цел, фокусна група за ПП се корисниците на најниските пензии, поради што, во рамки на коалицијата поведовме иницијатива и отпочнавме разговори со Владата за донесување ново законско решение за утврдување на достоинствен износ на минимална пензија, која во дадените околности би обезбедила посигурен живот на корисниците, без притоа да ја загрози стабилноста на пензискиот систем и редовната исплата на пензиите.
Изготвивме и предлог мерки за солидарна финансиска поддршка на пензионерите со примања до просечна пензија, како решение кое би се применувало во сите случаи кога ќе биде загрозена егзистенцијалната стабилност на овие корисници на пензии.
Апелираме пензионерите да не наседнуваат на паушални и нереални иницијативи, зад кои всушност се затскриваат политички партии кои само сакаат да ги искористат маките на пензионерите за свои политички цели што немаат никаква поврзаност со пензионерите и нивните проблеми“, се вели во реакцијата на Партијата на пензионерите.