Затворен воздушниот простор над Велика Британија – авионите приземјени

Британската Контрола на воздушниот сообраќај (НАТС) денеска објави дека го ограничила воздушниот сообраќај во земјата поради „технички проблем“.

– Имаме технички проблем и го ограничивме протокот на авиосообраќај од безбедносни причини. Инженерите се обидуваат да ја откријат и поправат грешката – изјави портпаролот на НАТС – пренесе Ројтерс.

Шкотската авиокомпанија Loganair претходно на социјалната мрежа X објави дека дошло до дефект на компјутерските системи за контрола на летање во Велика Британија и предупреди на можни доцнења на меѓународните летови.

Неколку патници на социјалните мрежи напишаа дека останале заглавени во авиони на пистата и чекале да полетаат.

Извор на Ројтерс заглавен на пистата во Будимпешта, цитирајќи изјава од пилотот, рече дека се работи за голем дефект што го затворил целиот воздушен простор на Велика Британија.

Пилотот во таа прилика изјавил дека летот ќе биде одложен меѓу 8 и 12 часа, според извор на Ројтерс.