
ЕУ забрани увоз за руска нафта со бродови, преку цевководи може
Шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел вели дека лидерите на Европската Унија договориле план за блокирање на две третини од увозот на руската нафта. Забраната е компромис, се однесува само за увозот со бродови, што засега нема да го погоди увозот преку цевководи.
Ова е дел од шестиот пакет европски санкции за Русија, кој беше најавен уште пред еден месец, но за него долго се дискутираше поради спротивставувањето на Унгарија.
„Договорено е привремено да има исклучок за руската нафта што се увезува преку цевководи. Моменталните санкции ќе ја погодат само руската нафта што се транспортира во ЕУ со бродови, што се две третини од вкупниот увоз од Русија“ – рече Мишел.
Германија и Полска сепак се согласни до крајот на годината комплетно да се откажат од увозот на руска нафта преку цевководи.
„Она што останува е околу 10-11% преку јужна ‘Дружба‘“ – изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.