Ердоган: Турција ги цени напорите за спасување и помошта што доаѓа од целиот свет

Турција ја цени помошта што доаѓа од целиот свет и напорите за спасување благодарение на кои повеќе од 8.000 преживеани од разорниот земјотрес што го погоди јужниот дел на Турција беа извлечени од урнатините, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во видео обраќањето до учесниците на Светскиот самит на влади во Дубаи, турскиот лидер рече дека повеќе од 81.000 повредени во земјотресите се отпуштени од болниците, јавува Anadolu Agency.

„Би сакал уште еднаш да им се заблагодарам на сите пријателски и сестрински земји кои дење и ноќе собираат помош за нашата нација, ги поддржуваат нашите напори за потрага и спасување со своите тимови и не забораваат во нивните молитви“, рече Ердоган.

Тој рече дека Турција, која денес се соочува со „една од најголемите природни катастрофи“ не само во сопствената, туку и во историјата на човештвото, никогаш нема да го заборави „пријателството што беше покажано во темниот час“.

Ердоган истакна дека катастрофата од земјотресот „уште еднаш укажа на важноста на меѓународната солидарност“.

Во најновиот извештај на државната Агенција за управување со катастрофи и вонредни ситуации (АФАД), се наведува дека бројот на загинати во силните земјотреси што минатата недела ја погодија Турција се искачи на 31.974, а вкупно 195.962 лица се евакуирани од зоната на земјотресот во јужно од Турција, објави Ројтерс.