
Денешниот полициски билтен изобилува со пријавени случаи на семејно насилство, при што најчесто страдале мајки, сопруги, но и синови, девојки…
Имено, вчера во 23:40 часот во скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода В.Н.(22), постапувајќи по претходна пријава дека околу 21:00 часот во домот физички ја нападнал неговата 55-годишна мајка.
Истиот ден, во 17:40 часот во Полициската станица Драчево, полициски службеници од СВР Скопје извршија службен разговор со М.А.(42) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнала нејзината 73-годишна мајка.
Во 21:27 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка го лишија од слобода Б.Р.(55) од Крива Паланка, затоа што физички го нападнал неговиот син.
Утрово, во 00:20 часот во ОВР Кичево е пријавено дека на булеварот „Ослободување“ во Кичево, Ф.Н. физички ја нападнал неговата 20 – годишна девојка.
Во 21:45 часот во СВР Битола, 39-годишна битолчанка пријави дека била физички нападната од нејзиниот сопруг В.В..
На 04.08.2026 во СВР Штип, полициски службеници од СВР Штип извршија службен разговор со А.Н.(40) од Штип, постапувајќи по претходна пријава дека физички ја нападнал неговата 44-годишна сопруга.
На 04.08.2026 во 15:10 часот во Македонска Каменица, полициски службеници го лишија од слобода Д.М.(62) од делчевско село, постапувајќи по претходна пријава дека подолг период агресивно се однесувал во домот, ѝ се заканувал и физички ја напаѓал неговата сопруга. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во вторникот пак, во 11:00 часот во СВР Велес, од ЈЗУ Општа болница Велес e пријавено дека кај нив била донесена 38-годишна велешанка со повреди. Според пријавеното, нејзиниот брат Р.И.(32) од Велес физички ја нападнал, при што се здобила со повредите. Со Р.И. бил извршен службен разговор, известен е јавен обвинител и Центар за социјални работи и по документирање на настанот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во 23:00 часот, вчера, во Полициското одделение Новаци, Н.П.(35) од с.Добромири, општина Новаци, пријави дека во с.Добрушево, општина Могила, со остар предмет бил нападнат од неговата тетка М.А., при што се здобил со повреди.
Во 15:40 часот во охридско село, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода П.Т.(68), постапувајќи по претходна пријава дека агресивно се однесувал во семејниот дом и упатувал закани кон член на семејството. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.