Директорката на „Песталоци“ не дозволила на хрватски новинари да снимаат

Обдукцискиот наод се уште не е готов и не е доставен до обвинителството, а обвинителството е во постојана комуникација и размена на податоци со институтот за судска медицина, велат од ОЈО. Ова значи дека се уште не се потврдени пишувањата за малтретирања на двете жртви Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски пред убиствата. Тоа ќе се знае кога наодот ќе биде готов.

– Дејствијата на сите инволвирани се предмет на истрага во моментов за што секојдневно се прибираат вербални и материјални докази кои меѓусебно се споредуваат. Јавното обвинителство апелира во текот на истрагата да не се шират непроверени информации кои можат да наштетат на постапката, но и дополнително да ја вознемират јавноста. – велат од ОЈО.

Инаку денеска Хрватскиот медиум „Јутарњи лист“ објави вест во која тврди дека директорката на „Јохан Хајнрих Песталоци“, училиштето каде што учеше Вања, не им дозволила на нивните репортери да фотографираат и ги избркала од училиштето, иако медиумската екипа имала дозвола од градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски. Тие во текстот кој го објавија пишуваат дека од нив било побарано да ги избришат сите фотографии.

– Ова училиште нема никаква врска со она што се случи и ве молиме напуштете го училиштето. Избришете ги сите фотографии.

Со демант се јави градоначалниот на општина Ценатр Горан Герасимовски кој пишува дека не дал дозвола на хрватски новинари да влезат во „Песталоци.“

– Ниту сум имал контакт, ниту сум дал дозвола, на хрватски новинари да влезат во училишето. Влезот е строго контролиран и дозвола за влез може да даде само директорката на училиштето“. – напиша Горан Герсимовски на фејсбук.

Новинарите од Јутарни разговарале со директорката на Песталоци, со класната на Вања, но и со соседите на убиеното девојче. Во текстот стои дека татко и Александар, иако родителите биле разведени, често престојувал во станот на третиот кат. Тој неа ја обожаваше, се грижеше за девојчињата и до нивната десетта година не работеше, па таа приказна дека дал информации на грабнувачите, звучи неверојатно, сведочеле соседите. Меѓутоа ден откако Вања исчезна, тој наводно се распрашувал дали камерите го снимиле автомобилот со кој е киднапирана, ги пренесуваат изјавите на станарите, новинарите на Јутарњи.хр.

Власта и опозицијата и денеска со меѓусебни обвинувања за овој случај. Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ парша: Дали возилото со кое беше киднапирана Вања било регистрирано во системот на камери „Безбеден Град“ пред 27 ноември, односно пред убиството?

– Конечно, дали возилото е забележано на камерите кобниот ден на 27 ноември во 7:42 наутро кај Александар Палас и Злокуќани и како е можно да тоа возило неконтролирано да помине низ најобезбедуваната локација во Македонија во тој момент, а можеби и во регионот поради непосредните подготовки на Советот на ОБСЕ. – рече Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ одговорија дека тоа се манипулативни информации и побараа Ковачки да одговори за средбите на Мицкоски со Палевски.

– Палевски беше близок соработник на режимот на ДПМНЕ, јавно го поддржуваше Мицкоски, но и нивниот коалициски партнер Левица. Бидејќи Мицкоски со денови молчи еве Ковачки нека излезе пред граѓаните и нека одговори за средбите на Мицкоски со Палевски. Што се договарало на тие средби?

Министерот за правда Кренар Лога вчера изјави дека верува оти од утре па натаму сите барања на земјава ќе бидат преземени во натамошната постапка во Турција“ за брза екстрадиција на прво осмничениот за убиствана на Ѓорчевска и Жежовски, Љупчо Палевски.