Детали за убиството во Хрватска: Колегата се исплашил, па 19-годишникот отишол на фаталната достава

Според хрватските медиуми, младото момче работело викенд-смена во локална пицерија за да замени колега. Кога пристигнала нарачка за Кристијан Алексиќ, кого многумина во Дрниш го избегнувале од страв, колегата кој требало да ја изврши доставата признал дека не сака да оди. Тогаш 19-годишникот наводно рекол дека ќе оди заедно со него и дека „нема да има проблем“.

Хрватската полиција интензивно трага по 50-годишниот Кристијан Алексиќ од Дрниш, осомничен за убиството на 19-годишниот доставувач на пица, кој бил застрелан во саботата вечерта на терасата од семејната куќа на осомничениот.

Според хрватските медиуми, младото момче работело викенд-смена во локална пицерија за да замени колега. Кога пристигнала нарачка за Кристијан Алексиќ, кого многумина во Дрниш го избегнувале од страв, колегата кој требало да ја изврши доставата признал дека не сака да оди. Тогаш 19-годишникот наводно рекол дека ќе оди заедно со него и дека „нема да има проблем“.

По пристигнувањето пред куќата на Алексиќ, момчето излегло од возилото и тргнало кон влезот, кога одекнале неколку истрели. Младиот доставувач паднал погоден, додека неговиот колега во паника избегал и веднаш ја повикал полицијата.

Во потрагата по осомничениот се вклучени и специјални полициски сили, а теренот околу Дрниш се пребарува и со дронови. Полицијата претпоставува дека Алексиќ се крие во густо пошумено подрачје.

Осомничениот и претходно бил осуден за убиство. Во 2002 година добил 12 години затвор за свирепо убиство на 24-годишна девојка, извршено во 1994 година, кога ја нападнал со нож и метална шипка. Му била изречена и мерка задолжително психијатриско лекување.

Против него во 2023 година била поднесена и кривична пријава за недозволено поседување оружје и експлозивни материи. Истрагата за најновото убиство е во тек, а полицијата сè уште трага по бегалецот, објави Скопје1.мк.