Дендиас: Процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ е единствениот безбеден пат за мир, стабилност, реформи и просперитет!

„Ги повикуваме нашите европски партнери да покажат поголема храброст и да му дадат нов поттик на процесот на проширување на ЕУ и да не ја остават настрана историската и геополитичка димензија на ова прашање“.

Ова во интервју за портал „Њузбомб” го изјави министерот за надворешни работи на Грција – Никос Дендиас.

„Одлуката за почеток на пристапните преговори со Албанија и Македонија би бил одлучувачки чекор во таа насока“ – вели Дендиас.

Тој објаснува дека за регионот на Западен Балкан процесот на пристапување во ЕУ е „единствениот безбеден пат за мир, стабилност, реформи и просперитет, тоа е начин регионот да може да оди напред, оставајќи го зад себе она што обично го нарекуваме балканско минато”.

Дендиас истакна дека и од интерес на Атина е земјите од регионот да напредуваат во нивниот пристапен процес, да се развиваат економски, да се стабилизираат, посочувајќи дека Грција своето балканско присуство не го гледа како „осуда”, туку како „историска мисија”.

Тој потенцира дека ова е и една од причините зошто Грција отсекогаш била „локомотивата на европскиот пат на регионот”.

„Од една страна до нашите европски партнери, кои ги повикуваме да покажат поголема храброст и да му дадат нов поттик на процесот на проширување. Ова прашање да не го гледаат само во неговите технички параметри, оставајќи ја настрана неговата историска и геополитичка димензија. Одлуката за почеток на пристапните преговори со Албанија и Македонија би бил одлучувачки чекор во таа насока. Од друга страна до регионот, што имав можност да го истакнам тоа при моите неодамнешни посети на Тирана и Скопје и ќе го повторам при посетите на другите главни градови во наредните денови во следниот период“ – рече Дендиас.