Демерџиев му предал на Спасовски закани против Христијан Пендиков додека тој е во болница

Иван Демерџиев, министерот за внатрешни работи на Бугарија, на денешната средба со неговиот македонски колега Оливер Спасовски му предал, како што рече, документирани закани од македонски државјани упатени до Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб од Охрид додека овој лежел претепан и хоспитализиран во Софија.

„Предадов документи и изјави од Пендиков за закани кои ги добивал додека бил во болница и добив убедување дека таквите лица ќе бидат исправени пред органите на правдата“, рече Демерџиев на денешната прес-конференција во Скопје.

Спасовски рече дека истрагата за претепувањето на Пендиков се проширува и во тек е потрага по други инволвирани лица.

„Имаме едно лице за кое е определена мерка притвор и се постапува по ширење на истрагата по овој случај. МВР за сите случаи постапува подеднакво за виновниците да бидат изведени пред лицето на правдата и да бидат санкционирани. Нашата крајна цел е да се обезбеди сигурност за сите граѓани и лица на територијата на Северна Макеоднија“, порача министерот Спасовски.

Двајцата министри пред медиумите рекоа дека преземени се сите мерки за луѓето кои ќе дојдат од Бугарија да нема провокации и несакани настани.на 4 февруари, на чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев.

Демерџиев рече дека ќе дојдат посетители од Бугарија, но само да му оддадат почит на Гоце Делечев без да се однесуваат непристојно.