
Гневот на сточарите не може да се запре – најавуваат протест за 30 јуни
Сточарите од Пелагонија најавуваат протест за 30 јуни ако дотогаш не им се исплатат субвенциите по грло говедо и премијата за млекото.
Сточарите од Пелагонија најавуваат протест за 30 јуни ако дотогаш не им се исплатат субвенциите по грло говедо и премијата за млекото.
Здружението на сточари од Пелагонија „Пелагониско поле“, ги повикува сите сточари и земјоделци кои не се задоволни од исплатата на субвенциите да им се придружат на протестот во Битола со блокада на подрачната единица на Министерството за земјоделие во центарот на градот.
Револтот расте поради неисплатените субвенции за грло говедо за 2025 година и поради неисплатената премија за предадено литар млеко во преработувачки капацитети од јуни 2025 досега, што значи 12 месеци.
Сточарот Гицка Ѓоргиева вели: „Го уништивте сточарството, сите цени одат нагоре, а млекото оди надолу. Јогурт во чаша е 25 денари, а литар сурово млеко 23 денари. Работиме за да ги богатиме газдите“.
„За млекото од јули 2025 години не се исплатени субвенции, а за десет дена ќе биде јули 2026 година. Нема реакција од власта за намалениот откуп на млекото за цели 10 денари од страна на млекарниците. Значи лани литар млеко беше и до 33 денари, а сега е 23 денари за литар. Како тргнала работата ќе падне и на 20 денари за литар колку шише вода во маркетите“, реагираат сточарите.
Сточарот Борче Бучински од „Пелагонсико поле“ вели дека ситуација во сточарството е тешка, поради високите трошоци за фармите, а доцни помошта од државата. Сточарите чекаат субвенции по 8.000 денари за грло.
„Доколку субвенциите не ни се исплатат до 30 јуни овој месец точно на денот, од 10,30 часот до 11,30 часот ќе го блокираме подрачното Министерство за земјоделие во Битола. Тој процес ќе биде најавен зошто ние сточарите си ги бараме субвенциите по грло за 2025 година и премијата за млекото за шест месеци од 2025 и шест месеци од 2026 година“, изјави сточарот Борче Бучински од „Пелагониско поле“ за „Независен“.
Во февруари годинава на седница на Влада е усвоена Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година – директни плаќања за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко. Минимална прифатлива количина на предадено млеко изнесува 300 литри месечно по земјоделско стопанство. Висината на директните плаќања изнесува 6 денари по литар произведено и предадено кравјо млеко и 7 денари по литар произведено и предадено овчо и козјо млеко.
Лани во август околу 3 700 сточари млекопроизводители, одгледувачи на говеда добија 147,8 милиони денари, премија за млекото за првите три месеци од 2025 година (јануари, февруари и март).
Потоа, дури во март годинава 4.545 производители на млеко, добија 270 милиони денари, премија за млекото (кравјо, овчо и козјо) за период јануари-јуни 2025 година.
Во април годинава субвенции по грло зедоа само овчарите (на 2.139 одгледувачи на овци им беа исплатени една милијарда денари) останатите сточари останаа неисплатени по грло.
Инаку, според програмата за финансиска поддршка во земјоделството во 2026 година, донесена во февруари годинава, Владата обезбеди поддршка од 6 милијарди денари за земјоделието.
Извор: nezavisen.mk