Германија е во полуфинале на Мундобаскетот – „Панцерите“ во неверојатен финиш ја победија Летонија

Кошаркарите на Германија се пласираа во полуфиналето на Светското првенство по големата борба против Летонија со 81:79.

Дејвис Бертанс можеше да биде херој на селекцијата од Балтикот, но промаши тројка за победа. Од другата страна, Денис Шредер можеше да биде трагичар за „панцерите“ бидејќи одигра лош натпревар.

Летонија подобро го отвори дуелот, набрзина стигна до двоцифрена предност – 3:13. Сепак, Германците се вратија и на пауза заминаа со +2, 36:34.

Второто полувреме беше уште повозбудливо. На почетокот на последната четвртина, избраниците на Горди Херберт излегоа на навидум сигурни 14 разлика – 74:60. Но, Летонците не ни помислуваа да се предадат, па се вратија во игра и дојдоа во ситуација да победат.

Германија не го искористи последниот напад, Летонија отиде на победа или продолжение. Бертанс ја зеде топката, се крена да шутира речиси од девет метри и не беше прецизен.

„Панцерите“ сега го чекаат исходот од мечот меѓу Канада и Словенија. Доколку Лука Дончиќ и неговите пријатели загубат, тие исто како и Србија ќе учествуваат на Олимписките игри во Париз во 2024 година.

За одбележување е и лошата игра на Шридер, која за малку ги чинеше Германците пораз.

Погоди страшни 4/26 од поле, 4/18 за двојка, 0/8 за тројки. Покрај тоа, загуби четири топки.

Најефикасен кај победниците беше Франц Вагнер со 16 поени, Андреас Обст додаде 13.

Кај Летонија најмногу се истакна Артурс Жагарс со 24, а го следеше Дејвис Бертанс со 20.

Германија во полуфиналето ќе игра против САД, додека Србија го чека подобриот од дуелот Канада – Словенија.