
Во македонско-бугарските односи треба да се даде шанса на дијалогот и на интелектуралните аргументи, а силите на екстремизмот и од едната и од другата страна да бидат осудени од општеството, вели поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во интервју за бугарското Радио Фокус, објавено пред два дена, пренесе Слободен печат.
– По францускиот предлог многу се смирија работите и од двете страни. Но, 75 отсто од проблемите создадени по францускиот предлог па досега сметам дека ги направи европратеникот Ангел Џамбаски. И за двете страни, провокациите се разгоруваат и од двете страна и продолжуваат една по друга. Силите на екстремизмот и од едната и од другата страна треба да бидат осудени од општеството, изјавил Георгиевски.
На коментарот од новинарот дека на границата македонските полицајци малтретирале Бугари, Георгиевски вели дека тоа е само мал дел од проблемот и се навраќа на претходното чествување на Мара Бунева во Скопје.
– Пред тоа имаше случај со околу стотина луѓе во Македонија, предводени од европратеникот Ангел Џамбаски. Дојдоа во Македонија, викаа по улици, врескаа… Ангел Џамбаски даде една изјава во која најмалку пет пати го навреди и македонскиот народ и македонската држава и мислам дека не е во ред Бугарија така да се претставува во Македонија, со непријатно однесување. Веќе реков дека некој треба да го запре Ангел Џамбаски, бидејќи медиумите во Македонија го претставуваат како тој да ја претставува целата бугарска политика. По ова имаше жестока реакција во Македонија. Па пак имаше изјава од Џамбаски дека ќе дојдел во Македонија со 1.000-2.000 луѓе и од македонска страна се собраа 1.000-2.000 луѓе и се случи тоа што се случи. Треба да се гледаат двете страни. Во бугарските медиуми не беше објавено дека македонската полиција беше многу критична и кон македонските граѓани. Околу црквата Св.Спас имаше полициски кордон и не беа пропуштени околу илјада Македонци кои исто така сакаа да положат цвеќе на гробот. И до ден денес македонските медиуми и опозицијата ја критикуваат македонската полиција дека на 4 февруари не дозволила слободно движење на македонските граѓани, а не беа пропуштени и многу македонски новинари, објаснува тој.