
Во сабота со почеток во 18.05 часот во Кочани ќе започне 47. Марш за ангелите. Организаторите велат – барањата остануваат исти: ВИСТИНСКА ПРАВДА.

„Секое рочиште отвора нова болка. Секој нов доказ открива нови пропусти. Секое непостапување потврдува дека трагедиите не се случуваат одеднаш, туку се создаваат со години. Правдата не е само за минатото. Правдата е за иднината. Само со одговорност, со институции што ќе постапуваат и со јасна порака дека човечкиот живот е над профитот, функцијата и интересот, може да се спречи утре да се повтори истата трагедија“ велат организаторите на маршот.
Велат „За жал, Кочани сè уште не ја извлече поуката од 16 март. И понатаму сме сведоци на пропусти и скандали кои го потресуваат градот на оризот. Затоа молкот не е опција. Заборавот не е решение. На 18 јули, присуството е став. Присуството е порака. Присуството е одговорност кон минатото и кон иднината“.
„Да покажеме дека 63 животи не се статистика. Да покажеме дека Кочани памети. Да покажеме дека правдата не се бара еднаш — туку сè додека не биде исполнета. ЗА НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ“ се вели во соопштението.