
ВМРО-ДПМНЕ ги повика Филипче и СДСМ „да се приберат од плажите“ зошто „им предизвикуваат сончаница“
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение упати остри критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи ја опозицијата за ширење, како што велат, дезинформации и создавање паника кај граѓаните во врска со безбедноста на водата за пиење.
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение упати остри критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи ја опозицијата за ширење, како што велат, дезинформации и создавање паника кај граѓаните во врска со безбедноста на водата за пиење.
„СДС изгуби компас, не знае каде тера, закажува настани, потоа ги презакажува, за на крај целосно да ги откаже“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата го обвинува Филипче дека додека тој, според нив, престојува во Грција со Зоран Заев, неговите сопартијци во Македонија продолжуваат со, како што тврдат, ширење лаги и создавање страв и вознемиреност кај граѓаните.
Посебно се осврнуваат на состојбата со водата во Гостивар, тврдејќи дека надлежните институции ги презеле потребните мерки и дека последните испитувања покажале оти водата е безбедна за пиење.
„За нецели четири недели проблемот во Гостивар целосно се реши, а СДС, наместо да ги почитува официјалните резултати, продолжува со создавање сомнежи и паника и да бара документи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата се осврнуваат и на неодамнешните тврдења за водата во Скопје, оценувајќи дека тие биле демантирани со, како што наведуваат, релевантни податоци и докази.
ВМРО-ДПМНЕ порача дека граѓаните треба да бидат спокојни и дека водата за пиење во Гостивар и Скопје е исправна и безбедна, додека институциите продолжуваат да ја следат состојбата.
„На СДС и на Венко Филипче добронамерно им порачуваме, веќе е време да се соземат и што побрзо да се приберат од плажите по кои се распослани, затоа што предолгото изложување на сонце предизвикува сончаница и носи последици по здравјето“, стои во партиската реакција.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека политичките несогласувања не треба да бидат причина за создавање дополнителна несигурност кај граѓаните, особено кога станува збор за прашања поврзани со водата за пиење и јавното здравје.