(Видео) Таравари: Топ приоритет на државата е започнување на преговорите со ЕУ

„Има реални шанси да бидам иден министер за здравство, ми требаат неколку консултации во партијата. Разговараме во Централното претседателство, разговараме и во Општината. За мене уште еден битен елемент – дали граѓаните би гласале уште двапати до следните локални избори“ – вели д-р Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар, дел од коалицијата ВРЕДИ преку Алијанса на Албанците.

На прашање дали стартот на новата Влада ќе биде проследен низ диоптријата на тоа – не го прифаќаме уставното име, вели „Јас не верувам во тоа. Уставното име е Република Северна Македонија, во приватна конверзација може да разговараме како сакаме. Треба да сме свесни и да се почитува уставното име“.

„Топ приоритет на државата е започнување на преговорите со ЕУ. Да се одржи европскиот пат на државата, што побрзо толку подобро. Да изнајдеме решени кое ќе е прифатливо и за идната влада во Бугарија. Работиме интензивно, сепак не зависи само од ВРЕДИ, повеќе зависи од идниот премиер. Тука сме да го охрабруваме за што побрзо да се случат уставните промени. Има одредени варијанти за временската рамка за уставните измени, тој ексклузивитет го има идниот премиер, да почекаме да завршат европските избори“ вели Таравари.

На прашање дали верува дека може да се промени преговарачката рамка со ЕУ, ќе каже „Не, тоа е невозможна мисија. Постојат 2-3 модалитети прифатливи за Скопје и Софија. Има опции за кои се размислува интензивно за да биде решение кое многу брзо може да помине“.

Таравари смета дека „Овој мандат не само што ќе започнат преговорите со ЕУ, може и многу брзо да течат. Не се сомневам дека сите што сме дел од идната влада имаме искрени и чесни намери. Да се бориме искрено со криминал и корупција, да го одржуваме здравството, да бидат паралелни процеси. Има бројки оваа влада. Ако се најде решение Скопје – Софија, може веднаш да поминат уставните промени“.

За договорот со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за распределбата на ресорите смета дека е „Коректна распределба, во однос на целокупната ситуација, не е многу битно бројките и институциите, битно е луѓето кои ќе раководат и респект меѓусебен во идната Влада“.

ДУИ го обвинува ВЛЕН дека „коленичат за министерски места“. На ова Таравари вели „од 2002 година, од владите до втората влада на Ковачевски 2023 година, бројките не се ни најдобри, ни најлоши, за застапеност на албанска партија“.

„Убаво е за ДУИ што тие најмалку 4 години ќе бидат во опозиција“ вели Таравари.

За бришење на формулацијата 20% од македонскиот Устав, Таравари рече „Мицкоски, а претходно и Заев и Ковачевски рекоа дека не е тоа некаков проблем. Периодов е деликатен, ќе инсистираме да се тргне 20% од употребата на албанскиот јазик, тоа е право кое Албанците го имаат во Уставот од 1974 година. Ќе најдеме решение и за тоа што за нас Албанците е фрустрирачки“.

За прашањето кое го имаше во програмата на ВРЕДИ, за отворање на Албанска академија на науки и уметности, Таравари со став „Кога одредена институција е барикадирана (МАНУ), некакво елитно друштво каде се избираат луѓе по нарачка, тоа е мое мислење. Се избираат не тие што заслужуваат, туку тие кои им годат на тие што се внатре. Има многу квалитетни луѓе кои не можат да бидат избрани, има селективност“.

„Има деградација на сите јавни институции државни, Македонија е држава на парадокси, имаме најелитно приватно здравство во регионот, а има најлошо јавно здравство во регионот“ вели Таравари кој смета дека државата треба да се фокусира само на „јавното здравство“.

Гостиварскиот градоначалник е оптимист дека глатко ќе оди носењето на законот за влада со прекројување на министерствата и новите ресори.

„Секој кој доаѓа премиер не е спорно да ја реорганизира владата и ресорите. Ќе има поддршка од сите партии“ вели докторот.