(ВИДЕО) Разговори со градоначалникот на Скопје Ѓорѓиевски, Костова од СДСМ и виолончелистот Илиоски

➡Во „Трилинг“ разговори со градоначалникот на Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски , Кристина Костова од СДСМ и Антонио Илиоски виолончелист.

Во „Трилинг“ разговори со градоначалникот на Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски , Кристина Костова од СДСМ и Антонио Илиоски виолончелист.

„Нашата ориентација отсекогаш е проевропска. Со сите потези и на претседателот Мицкоски, на сите владини функционери, вклучувајќи го и министерот за надворешни, јасно е зацртана нашата траекторија. Она што сметам дека за разлика од минатото, денес е евидентно е дека ние за идентитетот не преговараме. Мицкоски тоа во предизборието го говореше и е една од работите за којашто добивме силна поддршка.

-Сметаме дека треба да има цврсти гаранции, и јас како претседател на ЗЕЛС, градоначалник на Скопје, но и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, го поддржувам тој став на претседателот Мицкоски. Потребни се гаранции коишто ќе значат непостапување од идентитетските прашања“, вели за „Трилинг“ градоначалникот на Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски смета дека Европа прво мора да ја доживееме внатре, и дека е потребен целосен прогрес и развој на државата кој што ќе личи на Европа, но од друга страна, како што вели, повеќе го фрустрираат двојните аршини.

„За некој нема вакви условувања како за нас, и многу му е полесен патот на движење. Прво беше промена на знамето, потоа промена на името, сега имаме Бугари во Уставот, но тоа не е конечна работа. Самите претставници од бугарската страна кажуваат дека тоа е само почеток на тоа што треба ние да го имплементираме. Јас како Македонец сметам дека идентитетот е нешто за коешто не треба да се разговара и преговара по ниедна цена.

-Јас како припадник на младата генерација сакам да ги променам работите во државата и градот Скопје и граѓаните да имаат многу подобри услови за живот од тоа што живееле години наназад. Но тоа не значи дека јас по секоја цена или претседателот Мицкоски, Владата генерално, да прифатиме некој да не условува, уценува за нешто за коешто немаме извесност како ќе заврши. И да се случат уставните измени ние немаме извесност како ќе заврши таа работа. Затоа бараме гаранции дека ова е последната работа којашто треба да се направи, но дека тоа нема да задира во идентитетот на нашата држава“, вели Ѓорѓиевски.

Осврнувајќи се на можноста за предвремени парламентарни избори, градоначалникот на Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека како политичка партија се подготвени.

„Интересно беше што СДСМ одреден период бараше предвремени парламентарни избори, па кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, рече еве подготвени сме да одиме на предвремени избори, некако како да бараа изговор тие да не се случат. Сметам дека најдобро е секоја влада целосно да го истера целосно својот мандат, што значи дека мојот став е дека треба да има редовни избори, но ако опозицијата е цврсто решена и сѐ уште го држи ставот што го имаше пред извесен период, ние сме подготвени“, вели Ѓорѓиевски.

Градоначалникот не сака да лицитира со датуми кога граѓаните на Скопје ќе се возат во нови автобуси.

„Никој не сакаше да пропадне постапката. Бевме цврсто убедени за час поскоро да бидат обезбедени автобусите. Јавниот повик е за брзо време повторен, и верувам дека постапката ќе биде успешна“. вели Ѓорѓиевски.

Надоврзувајќи се на состојбите во во Град Скопје, градоначалникот вели дека има ненаплатен близу 18 милиони евра данок.

Ѓорѓиевски смета дека Мицкоски треба да остане на чело на партијата.

„Симптоматично е тоа што власт која речиси има двотретинско мнозинство во Парламент, како и премиерот, зборуваат и ја отвораат темата за предвремени парламентарни избори. Тоа значи дека не се соочуваат добро со предизвиците пред коишто се исправени, и имаат одредени проблеми. Не само со вицепремиерот за добро владеење, каде што покажаа дека она што го сметаа за „дедуизација“, сега излезе дека значи „вленизација“ на администрацијата“, изјави Кристина Костова од СДСМ, околу прашањето кој губи, а кој добива од предвремени парламентарни избори,

Костова во „Трилинг“ направи преглед, на како што вели „ДПМНЕ владее“.

„Три пати до сега ја имаат освојувано власта. 1998 година ја освојуваат власта – се создава криза во 2001. 2006-та ја освојуваат власта, и тогаш од страна на Груевски се воспоставува она што е препознатлив ДПМНЕ-овски механизам за постојано сузбивање на опозицијата – секогаш кога опозицијата има можност да барем малку порасне во рејтинг. Се закажуваат избори во 2008-та, па 2011-та, па 2014-та, па 2016-та. Што значи дека ДПМНЕ нема истерано ниту еден цел мандат.

-Таквиот механизам се покажува погубен, не за некоја партија, туку се покажа дека погубен за демократијата и дека е погубен за државата. И тие ДПНЕ-овски финти гледаме дека сега се обидува и Мицкоски да ги употребува. Дали ќе има предвремени избори или не, го знае само тој. Но пак ќе потенцирам и нагласам дека е симптоматично што ДПМНЕ не се нафаќа да се соочи со јавноста со тоа што ќе истера еден цел мандат. Па после четири години да видиме што ќе кажат граѓаните“, вели Костова.

Осврнувајќи се на извештајот на Европскиот Парламент, каде се инсистира историско-образовната комисија да постигне договор и дали смета дека тогашна власт всушност ја „заглавила“ државата, свесно или несвесно, историските прашања да станат дел од преговарачката рамка, Костова вели дека пред сѐ има сериозни забелешки во тој извештај.

За фактот дека ВМРО-ДПМНЕ денес ужива двојно поголема поддршка од СДСМ, и од каде се симпатиите кон таа партија доколку води погрешна политика, Костова потсетува на предизборието во 2024-та година.

„Тогаш Мицкоски и сите од ДПМНЕ, како и актуелната претседателка на државата, напаѓаа секаков дипломатски напор на тогашната власт, вклучително и потпишувањето на Преспанскиот договор, и создаваа таква политичка клима, која што е прилично токсична, во која што поставуваат нереални очекувања.

-Јас ќе се согласам дека можеби СДСМ не се качува во рејтинзите, и тоа е друг проблем од друг вид, но исто така она што е точно е дека рејтинзите на ДПМНЕ паѓаат. Тоа го покажуваат резултатите од локалните избори, но и последните анкети. Она што ДПМНЕ успева да го одржи како поддршка е дали поради клиентелизам, дали поради продолжување на дел од таа лажлива приказна, но се повеќе и повеќе се соочуваат со незадоволството и гневот поради не испорачаните ветувања за оние главни прашања кои сами ги покренаа во предизборието.

Прашана дали со ставот Бугарите да бидат внесени во преамбулата на Уставот, СДСМ се обидува да ги придобие симпатиите кај меѓународните партнери, Кристина Костова смета дека со Францускиот предлог се гарантира дека нема понатамошни дебати за идентитетски прашања.

„Дијалогот со Бугарија не е под покровителство, туку адресата за тој дијалог е Европа и ЕУ. Кога станува збор за одредени компромиси коишто ние како држава треба да ги направиме, тоа значи дека тие компромиси би биле направени за да започнат преговорите Унијата. Она што стои во Францускиот предлог е дека нема да има барања поврзано со идентитетските прашања.

-Оттука прашањето е дали реформите коишто треба да ги направиме во општеството, а тоа се во правосудството, владеењето на правото, борбата со корупцијата се толку страшни реформи од коишто сега треба да бегаме под превез на изговорот дека не смееме да направиме еден почетен компромис, којшто би значел само почеток на преговорите.

-Сметам дека како држава ние немаме веќе луксуз да чекаме, особено не како граѓани. Чекањето е прерогатив на привилегираните. Мислам дека секој одминат ден чекање, не остануваме во истата позиција, туку нашата позиција назадува. Тоа го видовме во решавањето на спорот со Грција. Се создаде децениски проблем, каде позициите што Македонија ги имаше изградено во 2004, или 2005-та година, сериозно се срушија за време на владеењето на Груевски. Тој, од она што можевме да го слушнеме од снимките, преговарал по телефон, но пред јавноста продаваше приказна кадешто го делеше народот на патриоти и предавници. Дали сега истото се случува? Мицкоски со години, претставници на ДПМНЕ, претставници на нивните коалициони партнери велат дека бараат гаранции, а притоа досега немаат ниту еднаш објаснето какви се тие гаранции кои ги бараат.

-Има во јавноста некои политиколози, со кои се согласувам, а со некои не, коишто велат дека ако се бараат такви гаранции тие може да се изградат во одредени клаузули со уставните измени. Но Мицкоски и ДПМНЕ ни тоа не го прават. Буквално не се поместуваат ни милиметар кога станува збор за упатување во насока кон ЕУ и почеток на преговорите.

-Мора и уште една забелешка да дадам – во јавниот дискурс поголем е притисокот врз опозицијата за тоа во која насока оди европското интегрирање на земјата отколку врз власта. На секое нивно јавно излегување им се дозволува да кажат дека ќе трчаат маратон, дека нема поместување милиметар, дека ќе чекаат години и децении, но прашањето е дали ќе дадат идеја, образложение што ќе прави Македонија во меѓувреме. Која е опцијата за оваа држава додека Мицкоски чека. Тоа треба да го објаснат тие“, вели Костова.

„Многу отворени врати, многу шанси за тој што работи. Таму важи принципот – колку работиш, толку добиваш. Има многу високо, и како што еден мој колега вели – можеш да имаш најдобри концерти, но со еден лош концерт ќе ти требаат 20 да си го вратиш доброто име“, изјави за „Трилинг“, виолончелистот Антонио Илиоски, за тоа како е да се студира во метрополата на Бугарија, Софија.

Илиоски вели дека музичката сцена во Бугарија е многу развиена.

„Уште се под ефект на руската школа и од ден за ден има по три или четири концерти, филхармонија, опра, претстави.

– И кај нас има доволно квалитетен кадар, од професорите, менторите, студентите, но само треба да се потегне и да почне“, смета Илиоски.

Осврнувајќи се на тоа колку, имајќи ги во вид политичките недоразбирања помеѓу Македонија и Бугарија, влијаат врз културната соработка, Илиоски вели дека до сега бил пречекуван со отворени раце.

„Таму ме знаат како Македонец виолончелист, и мислам дека се многу среќни и горди, што јас сум направил еден „ризик“ за мојата натамошна надоградба и да учам во тој период во Бугарија.

-Во Бугарија сум бил дел од најголемите пријателства, друштва, соработки, диригенти и оркестри секогаш биле со огромна почит настроени кон мене“, вели Илиоски.

Интервјуата може да ги погледнете во видеото