(Видео) Масин: Прво купуваа од пазар, подоцна од Мартиноски, Личеноски и Кондовски, а сега дојдовме ние на ред

Мирослав Масин, сликар и скопска урбана легенда на 15 мај во Даут пашин амам ги собра своите следачи, љубители и посетители на убавата уметност. Изложени се 150 слики од неговото 40-годишно творештво и талкање низ животот – од неговите изјави една остава впечаток: „Јас уште не се нарекувам уметник, треба да помине барем век-два за историјата да проџвака, да се види дали сум уметник“.

Во однос на оваа изјава, дали тоа е показател на „скромност“, вели „да“.

– Уметник е, сум го кажал и порано, и пак ќе го кажам: треба да проџвака историјата. Ова денеска кој е поубав, јас или Сашо или Сергеј, кој повеќе продава тоа е ирелевантно. Мислам дека треба да помине бар еден век, вели Масин.

На прашањето дали само кај нас кадарноста и креативноста се на маргините, познатиот сликар вели дека има публика, и сега и во бивша Југославија, која подоцна се едуцирала „малце по малце“.

– Прво купуваа од пазар, подоцна земаа од Мартиноски и Личеноски, па Кондовски, а сега дојдовме и ние на ред. Тоа е процес кој трае, тука е и едукацијата малку, како и шминка, истакнува тој.

За тоа дали сме заглавени во минатото, дали пропуштаме да гледаме кон иднината, во контекст на тоа како е наречена неговата изложба, Масин вели дека „добар дел се и сме заглавени“, меѓутоа ако се вика тоа историја, тогаш „не“.

– Треба да знаеме што било, што се корените…Јас на пример никогаш не сум се заглавил во лифт, цел живот, не знам ни како ми текнало да ја крстиме (изложбата). Не се оптеретувам со национализам, Македонец, Србин, Американец…сакам да биде што поопуштено и што поубаво, пошто краток е веков, вели Масин.

На дилемата дали се живее од сликарство, Масин вели „тешко е на почеток, но треба да се посветиш“.

– Тоа бара разноразни жртви, но јас сум рекол пред 30 години дека вака ќе живеам, дециден е сликарот.

Разговорот на Горазд Чомовски со Миро Масин во видеото подолу: