(Видео) Андоновски: Целта за 61 пратеник ја остваривме, нам ни треба да стигнеме до 80

Стефан Андоновски, дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во однос на реакцијата од Грција за користењето на „Македонија“ од страна на претседателката Сиљановска-Давкова, за „Трилинг“ изјави дека искажувањето на својот личен став и мислење и личниот идентитет кој се поврзува со терминот „Македонија“ и со тоа да се биде Македонец, не е во спротивност со Преспанскиот договор.

– Во меѓународните односи предолго време се разви македонски концепт кој немаше никаква логика, апсурден концепт, кој не ги бранеше македонските интереси. Мислам дека нашите соседи и нашите меѓународни партнери се научија дека тука има еден мек стомак кој што е подготвен да прифати се, само за да му се дозволи да остане на власт. Сега имате една нова група на луѓе кои имаат сопствен став, кои што што на изборите излегоа со својот сопствен став. Тоа не значи дека ние ќе водиме кон изолација, ќе ги затвориме вратите и нема да дискутираме со нашите соседи, но истовремено не значи дека ние ќе трампаме некоја концесија, партиска, приватна или некој друг интерес, на сметка на некој од националните интереси, вели Андоновски.

На прашањето дали очекува земјава да се соочи со санкции поради ваквата политика на ВМРО-ДПМНЕ, Андоновски е дециден дека тоа нема да се случи.

– Не очекувам санкции затоа што имате многу порадикални чекори во ЕУ во државите кои сакаат да станат членки, па гледаме дека се се сведува само на зборови и ништо нема во акција. За жал можам да кажам и во позитивна насока. Дури и кога треба да се даде оној т.н. морков од ЕУ, тој често се заснова само на зборови, но не и на дела, вели тој.

По изборите интезивно се разговара за формирањето на новата влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Дали сепак ВРЕДИ ќе биде единствениот коалиционен партнер на Илинденска бр.2?

– Нашата цел беше да се стигне до бројката 61 и таа успеавме да ја достасаме затоа што апсолутното мнозинство во Собранието значи дека можете да ги водите процесите. Втората аспирација беше да имаме сериозен партнер од граѓаните Албанци и тоа е коалицијата ВЛЕН, и со нив имаме принципиелна дискусија, но имавме добра дискусија уште за време на кампањата. ВМРО-ДПМНЕ подолг период наговестуваше дека тоа е нашиот префериран партнер и тоа се случи. Нашето најголемо ветување е дека ДУИ ќе замине во опозиција. И тоа го остваривме. Што се донесува до третата цел, нам ни треба да стигнеме до бројката 80, затоа што нас ни се потребни две-третини од Собранието за измени на системски закони и во таа насока сме отворени за комуникација со повеќе политички партии, истакна Андоновски за евентуалното влегување на ЗНАМ во Владата.

За тоа колку министерски места и вицепремиерски ќе има во идниот владин состав и што бара ВРЕДИ, и дали ќе се намали бројот на досегашните ресори, а тоа најмногу се однесува на вицепремиерските места, Андоновски вели дека нивната идеја е да имаат модерна Влада која одговара на времето во кое живееме а не некое време од деведесетите кога се формирани ресорите.

– Нашиот пристап е да го намалиме бројот на министри без ресор, но да додадеме две нови министерства, кои ќе се однесуваат на енергетиката и спортот како наш врвен приоритет, но ќе намалуваме многу во институциите кои се под министерствата и ќе поврзуваме затоа што нашето ветување беше најмлаку 10 отсто помалку институции, но не кажавме дека ќе намалуваме министерства. Тие треба да одговараат на времето во кое се создаваат, порача тој и додаде дека крајниот збор за ресорите ќе го има мандатарот Мицкоски.

Погледнете го целиот разговор на Горазд Чомовски со Андоновски во новото издание на „Трилинг“: