Бугарски митрополит: Потегот на Вселенската патријаршија во однос на МПЦ е причина за нови поделби во православниот свет

Mитрополитот ловчански Гаврил – aрхиереј на Бугарската православна црква со коментар за одлуката на Вселенската патријаршија да ја признае МПЦ-ОА за канонска, нагласувајќи дека „Црквата на Северна Македонија е под српска јурисдикција од 1920-тите, призната од сите православни цркви во светот“.

„Затоа, според правилата, Српската православна црква имаше право да и додели автокефалност на Црквата на Северна Македонија или тоа право да го даде на Сеправославниот собор“ – рече тој.

Бугарскиот архиереј нагласи дека „Вселенската патријаршија нема повеќе права од која било друга православна црква“. Тој вели дека не знае како ќе реагираат Српската православна црква и другите цркви, но оценил дека потегот на Вселенската патријаршија во однос на МПЦ е причина за продлабочување поделби во православниот свет.

Тој додава дека приемот на Македонците во Евхаристиската заедница од страна на Фанар е чекор што „ќе ѝ донесе повеќе проблеми на Православната црква“.

Вселенската патријаршија претходно соопшти дека ја признава МПЦ како православна и во заедница на христијанските православни цркви.