Бугарија нема да отстапи од своите барања – стои во засебната изјава поднесена до Советот на ЕУ во врска со отпочнувањето на преговорите со Северна Македонија.
Бугарската делегација во ЕУ достави документ со кој официјална Софија објаснува дека формулацијата од заклучоците на Советот на ЕУ на 14 декември за „одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро по усвојувањето на преговарачката рамка“ не претставува никаков автоматизам помеѓу усвојувањето на наведената рамка и одредувањето на датум за првата меѓувладина конференција меѓу С Македонија и ЕУ.
Софија најавува дека ќе го услови усвојувањето на преговарачката рамка со „инкорпорирање на дополнителна одредница за отворање на кластерот „Фундаменти“ (првиот кластер што се отвора во преговорите, нз) во форма на патоказ за имплементација на Договорот за пријателство. Бугарија најавува и условување со контроверзните историски ликови, олеснување на бугарските инвестиции во С. Македонија, Коридорот 8, и прекин за барањето за признавање на „македонско малцинство“ во Бугарија кое таа го смета за неосновано.
Во документот Софија споменува „говор на омраза“ против бугарски граѓани во С. Македонија.
„Исклучива употреба на името Република Северна Македонија за да се разликува политичкиот ентитет „Република Северна Македонија“ од географскиот регион „Северна Македонија“ или вербална нота од Република Северна Македонија до членовите на Обединетите Нации со цел сите референци „Северна Македонија“ да се однесуваат на политичкиот ентитет што е Република Северна Македонија и употребата на краткото име Северна Македонија не доделува никакво друго значење, што се однесува на географскиот регион Северна Македонија, делови кои спаѓаат на суверената територија на Бугарија“ – се вели во документот на бугарската делегација до земјите членки на ЕУ.
Формулацијата за „погрешно толкување на историјата“ е отстранета од поновите заклучоците на ЕУ, Бугарија во документот се навраќа на ова прашање и пишува дека „Бугарија го повторува разбирањето во Советот, како што стои во заклучоците за Проширување и Процесот на Стабилизација и Асоцијација од 26 јуни 2018, дека Договорот за добрососедски односи „мора да стави ефективен крај на сите барања заснова на погрешно толкување на историјата“.
Во последниот дел од изјавата на Бугарија земјата признава дека и покрај „кампањата на омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија“, С. Македонија „остана отворена за дијалог во секое време“. Софија жали што С. Македонија не се посветила „значително“ на преговорите со Бугарија.
„После години неприменување од страна на Република Северна Македонија на заложбите, довербата не може лесно да се врати. Сегашната атмосфера во Република Северна Македонија не поттикнува изнаоѓање на одржливо решение. Бугарија останува посветена на продолжување со консултациите. Бугарија не го оспорува сувереното право на граѓаните на Република Северна Македонија да се самоидентификуваат како сакаат. Бугарија меѓутоа не може да толерира тој процес на градење на идентитет да се води преку опозиција и омраза кон Бугарија и преку политички мотивирано културно присвојување“ – пишува бугарската делегација.