„Одлуката за мое апсење е донесена на оргија. Кралевите мислеа дека ќе останат доживотно во Советот на министри“. Ова го изјави денеска лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов на брифинг во седиштето на партијата по повод одлуката на второстепениот суд дека неговото апсење е незаконско и противуставно, јавува БГНЕС.
„Можам само да им се заблагодарам на луѓето кои во два случаи ја донесоа оваа одлука“, рече тој, додавајќи дека „кога се ослободија од теророт во Советот на министри, многу луѓе почнаа да раскажуваат, всушност, како оваа грда сцена беше спроведена“.
Според него, знаеле дека тоа е незаконско и дека е самоволно. Борисов нагласи дека на телефон се слушнал како им кажува да му стават лисици.
„Оваа одлука е донесена на оргија со многу виски, бело вино, пици, со единствена задача да ме извадат пред децата со лисици, знаејќи 100% дека прават незаконски работи и самите луѓе кои беа очигледно корумпирани, тргнаа да направат реформи во судството“ – изјави Борисов.