Битиќи на средба со Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство

Заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Јован Деспотовски, денес остварија редовна квартална работна средба, со Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, која е дел од Советот на странски инвеститори во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија.

На состанокот од страна на потпретседателите на комората Виктор Мизо, кој е и претседател на Асоцијацијата и Јелисавета Георгиева Јовевска беа презентирани прашања и теми кои ги интересираат членките на асоцијацијата, а кои се поврзани со нивното тековно работење, за мерките за поддршка за понатамошен развој, како и за активностите кои ги преземаат Владата и другите органи на државна управа за унапредување на бизнис климата во земјата.

Вицепремиерот Битиќи упати благодарност до претставниците на асоцијацијата и воопшто на бизнис заедницата, за активното учество во процесите кои ги спроведува Владата, кои се во насока на унапредување на условите за водење на бизнис во земјата, и притоа посочи дека Владата и понатаму ќе биде отворена за соработка со сите чинители во економскиот и општествениот живот за креирање на најдобри можни решенија кои ќе донесат одржлив и побрз економски развој на земјата.

Битиќи ги информираше присутните за неколку позначајни активности, кои беа донесени неодамна,  а претходно се спроведе широка дискусија за да се изнајдат најсоодветни решенија.