
Основачот на „Мајкрософт“, познатиот милијардер и филантроп Бил Гејтс (67), има нова девојка две години по разводот од сопругата со која има три деца.
Новата избраница на Гејтс е Пола Херд, која беше во брак со Марк Херд, поранешниот извршен директор на компанијата за компјутерски софтвер „Оракл“. Марк почина во 2019 година, на 62-годишна возраст, наводно од рак.
Според извори блиски до Гејтс, тој мошне успешно ја криел врската од јавноста. Романсата почнала пред повеќе од една година, двајцата биле неразделни, а неодамна заедно биле на неколку натпревари на Аустралија Опен, а сега нивната врска ја потврди и извор близок до милијардерот.
– Неразделни се. Заедно се повеќе од една година. Пола честопати беше опишувана како мистериозната жена, но нивната врска не е никаква мистерија за блиските пријатели и за семејството – открива изворот за Дејли меил.
Бил и Пола се познаваат подолго време бидејќи имаат некои заеднички пријатели. Пола има две ќерки од бракот со Марк.
Не е познато колку точно таа наследи од неговото богатство, кое изнесуваше околу 500 милиони долари. Денес Пола работи како организатор на настани, а исто како и Бил, и таа е филантроп и донатор.
Гејтс има три возрасни деца со неговата поранешна сопруга Мелинда, со која се разведе во 2021 година, по 27 години брак.