Ахмети за кадрите на ДУИ: Тие се огледало на државата

Лидерот на ДУИ Али Ахмети синоќа од средби со гостиварци најави дека ветингот ќе го спроведат странски експерти. Тој, како што рече, е горд и среќен од кадрите на ДУИ кои се огледало на државата.

Освен Ахмети, на четвртата средба со сопартијците и со граѓаните на општина Гостивар, се обратиле и претседателот на Собранието Талат Џафери, генералниот секретар на ДУИ Фатон Ахмети, министерот за економија Крешник Бектеши, претседателот на гостиварскиот огранок на Валдет Џафери како и пратеничката Вјолца Латифи Адеми.

Лидерот на ДУИ истакнал дека како Албанци, решени се да бидат на вистинскиот пат и дека ја промовираат правната држава. Според него ДУИ 20 години е на вистинската страна и толку години инвестира во обука на кадри.

„Се гордеам со кадрите кои ни го белеат образот. Ме прават среќен затоа што се огледало на државата, а тоа ме прави неуморен да продолжиме и да одиме напред. Додека зборуваме, Бујар се враќа од Украина. Скринингот што започна кај нас се прави за земјите кои бараат влез во ЕУ. Членството на земјата во ЕУ е бенефит за идните генерации. ДУИ е партијата со најголема внатрешна демократија. Работиме добро и внатре и во институциите. Нашата цел е зајакнување на државата, економијата и правдата. Почнувајќи од мене, ќе го започнеме ветингот, судството и обвинителството да бидат чисти и правични, со експерти од странство“, рече Ахмети.