
Мухамед Зекири – екс-генералниот секретар во Владата останува во притвор во истражниот затвор „Скопје“, откако денеска Апелација го потврди првостепеното решение за притвор – пренесува „Фокус“.
Од судот со појаснување дека гаранцијата која ја понудил Зеќири не ни била разгледувана затоа што покрај опасноста за бегство, притворот му е одреден и поради опасност да ја попречи истрагата.
Зекири на јавна седница рече дека нема намера да бега, а потенцираше и дека доколку сакал тоа да го стори имал една година да побегне од органите.
Негираше вина во предметот каде се гони дека склучил договор за консултантски услуги со фирма без спроведена јавна набавка, со што според обвинителката го оштетил државниот буџет.
Покрај Зекири, осомничени во случајот се и двајца хрватски државјани. Тие се недостапни за органите на прогонот и за нив е распишана локална и меѓународна потерница.
Обвинителството го товари Зекири за злоупотреба на службената положба.